Вработен во унгарска компанија наместо форинти по грешка примил плата од над 92.500 евра, па затоа добил 388 пати повеќе пари отколку што му следувале.
Човекот кому компанијата му го прекинала работниот однос пред истекот на пробниот период, ѝ дал сметка од австриска банка за да му ја исплатат преостанатата плата. Но, фирмата на таа сметка префрлила 92.549 евра наместо 92.549 унгарски форинти што му ги должела, а тоа е во реална вредност од 238 евра. Набргу потоа, компанијата си ја открила грешката и побарала од човекот да го врати „вишокот“.
Тој одбил да го стори тоа, оправдувајќи се на различни начини. Меѓу другото, тој им кажал и дека моментно нема пристап до сметката. А, во меѓувреме, од банкомат во градот Капошвар, југозападна Унгарија подигнал околу 15.000 евра.
Бидејќи поранешниот вработен упорно одбивал да ѝ го врати вишокот на компанијата, Обвинителството во Капошвар поднесе обвинителен акт против него. Поднесена е кривична пријава за злоупотреба на средства, според официјалните документи.
Австриските власти успеале да ѝ вратат поголем дел од парите на оштетената компанија. Обвинителството бара да се изрече парична казна и да се надомести преостанатата штета на компанијата. МИА