Утрово во 04.20 часот на Единствениот европски број за итни случаи 112 во Центарот за управување со кризи пристигнала невообичаена говорна порака на англиски јазик од автоматска секретарка на мобилен телефон.
-Практично тој телефон, при излетување на возило е програмиран автоматски да дава информација на Единствениот европски број за итни случаи 112 во било која европска држава и пошироко, дека најверојатно се случила сообраќајна незгода, а лицето што го поседува мобилниот телефон не е во состојба да се јави. Во ЦУК, согласно процедурата, веднаш се забележани координатите на локацијата од каде што е примен повикот и почнува итна проверка на вистинитоста, бидејќи ваквите повици се невообичаени и се проверуваат во соработка со МВР, дали се активирани од реална незгода или се случајни – соопштија денеска од ЦУК.
Според првично собраните („автоматски“) информации во ЦУК, претпоставка било дека се работи за сообраќајна незгода којашто се случила на територија на село Чалошево, на три километри по магистралниот пат во правец Велес – Штип. 30-ина минути подоцна од МВР е добиена официјална потврда дека повикот е вистинит и дека се случила сообраќајна незгода на магистралниот пат Велес – Штип, сега со поконкретен теренски опис дека тоа е близу на „Уни Агро“ и дека во излетаниот автомобил има повредено и заглавено лице.
По извлекувањето на повреденото лице екипа од Итна медицинска помош го однела во болница во Велес, а потоа, најверојатно заради сериозноста на повредите е пренесено во Хируршките клиники во Скопје. Ова е редок пример за спасување лице кое не е можност да се јави, а мобилниот телефон автоматски испраќа порака за можна случена сообраќајна несреќа на 112. Со повикот се добиваат и координати за локација на возилото, односно повреденото лице како во случајот и најпрво се врши проверка на реалната ситуација, а потоа во согласност со ситуацијата и извлекување и спасување на повреденото лице.