Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) најостро го осудуваат некоректното однесување кон медиумите на државните службеници кои на најбескрупулозен начин ја прекинаа работата на ТВ екипата на Телма при нејзиното известување од важен настан.
Припадници на МВР по наводна наредба на одговорните во Министерството за правда денеска упорно и вулгарно го попречуваа јавувањето во живо на новинарот Павле Беловски од Телма, иако тој беше надвор од просториите во кои се одржуваше седницата на Судскиот совет и никако не ја попречуваше работата на советот во која учествуваше и оценувачката мисија на Европската унија на чие чело е поранешниот судија на хрватскиот Врховен суд, Бранко Хрватин.
Заради неможноста да се обезбедат минимум услови, јавувањето во живо во централните вести на ТВ Телма беше прекинато, а јавноста остана скусена за елементарна и важна информација. Тоа што загрижува повеќе е дека припадниците на полицијата или во овој случај одговорните во Министерството за правда сосема непотребно предизвикаа инцидент кој отвора дилеми околу желбата за транспарентност во државните органи.
ССНМ и ЗНМ реагираат и на неколкукратното легитимирање на новинарите, иако тоа не е пракса и има димензии на понижувачки однос, и најавуваат постапка пред внатрешната контрола на МВР, пријава за одговорните лица во Министерството за правда и во Судскиот совет, но и информирање на меѓународните новинарски асоцијации.
ССНМ и ЗНМ