Мaкедонија е прва по отворените истраги вкупно 18 за злоупотреба на ЕУ фондовите но во споредба со земјите од Западен Балкан и тоа за период од пет години, објави деновиве Европската служба против измами ОЛАФ. Евроамбасадорот Гир, ја потврди бројката, но не ги кажа субјектите кои се дел од тие истраги. Вицепремиерката Грковска од директорот на ОЛАФ побарала спроведување на обуки во институциите кои користат европски средства, во насока на превенција на можни идни злоупотреби.
ОЛАФ подготви седум препораки за европските институции и за македонските власти.
Од службата нема дополнителни информации за конкретните истраги, но објавено е дека за европските фондови, кои се потрошени целосно или делумно на национално или на регионално ниво во 2022 година, во Македонија биле отворени четири истраги, а три се затворени со соодветни препораки.
Италија е рангирана на прво место по најголем број покренати истраги во ЕУ, а потоа следат Унгарија и Полска.
На списокот на ОЛАФ за Западен Балкан, по Македонија следува Србија, Црна Гора е последна
Според податоците објавени во годишните извештаи на ОЛАФ, земја со најголем број на истраги започнати за Западен Балкан е Македонија, пишува „Еуроњуз Албанија“. Според податоците на ОЛАФ, од 36 истраги покренати за земјите-кориснички на фондовите на ЕУ од Западен Балкан, 18 од нив се однесуваат на Македонија. Од започнатите истраги, ОЛАФ доставила седум препораки до европските институции и македонските власти.
Втората земја со најголем број истраги започнати во регионот е Србија, при што ОЛАФ отвори девет истраги и состави четири препораки.
Во Босна и Херцеговина се покренати три истраги, а поднесени се две препораки, додека на Косово се покренати три истраги и една препорака.
Во однос на Албанија отворени се вкупно две истраги, меѓу кои и онаа од 2021 година за земјоделски фондови. На дното на листата на ОЛАФ, со само една истрага, е Црна Гора.
Од службата нема дополнителни информации за конкретните истраги, но објавено е дека за европските фондови, кои се потрошени целосно или делумно на национално или на регионално ниво во 2022 година, во Македонија биле отворени четири истраги, а три се затворени со соодветни препораки.
Истрагите на ОЛАФ, не значи и пронаоѓање на виновниците
Истрагата на ОЛАФ не секогаш резултира со пронаоѓање на виновниците, ниту пак постојат различни практики на давање препораки.
Исто како што истрагата може да се заклучи без да се идентификуваат виновниците, исто така може да доведе до тоа, земјата-корисничка да мора да го врати злоупотребениот дел од средствата.
Во случаите каде што се евидентни злоупотребите, доказите за случајот се предаваат на релевантните органи за спроведување на законот од соодветните земји за покренување кривични истраги.
„Ако истрагите на Европската служба против измами – ОЛАФ резултираат со сомнеж за криминални активности, тие случаи ќе бидат проследени во Јавното обвинителство и во тој случај очекуваме јавниот обвинител да преземе навремени активности и тие активности ние ќе ги следиме одблиску, образложува шефот на делегацијата на ЕУ во Македонија, Дејвид Гир.
Гир потврди дека Европската служба против измами (ОЛАФ) со седиште во Брисел подготвила препораки за европските институции и македонските власти во однос на злоупотребата на европските фондови.
„Ова покажува колку сериозно ЕУ пристапува и го проверува начинот на кој парите од европските даночни обврзници се трошат во Северна Македонија. Сакам да потенцирам дека ОЛАФ е многу сериозно тело, кое спроведува истраги за тоа како се трошат парите на ЕУ. Ја потврдувам бројката, но не ги знам деталите во врска со самите истраги. Можам да потврдам дека има различни субјекти кои се дел од тие истраги. Ако истрагите на ОЛАФ резултираат со сомнеж за криминални активности, тие случаи ќе бидат проследени во Јавното обвинителство, и во тој случај очекуваме јавниот обвинител да преземе навремени активности и тие активности ние ќе ги следиме одблиску, изјави амбасадорот Гир.
Италија е рангирана на прво место по најголем број покренати истраги, а потоа следат Унгарија и Полска
Според податоците на ОЛАФ, во последните пе години спроведени биле 131 истрага за проневера во земјите членки на ЕУ.
Италија е рангирана на прво место по најголем број покренати истраги, а потоа следат Унгарија и Полска.
Во 2022 година, ОЛАФ спроведе 256 истраги и состави 275 препораки за компензација на 426 милиони евра пари на европските даночни обврзници.
„ОЛАФ имаше силни истражни перформанси во 2022 година. По анализата на 5567 пријави од приватни и јавни извори, како и сопствени извори на ОЛАФ, беа отворени 192 истраги од кои 256 беа успешно завршени во текот на годината, што доведе до издавање на 275 финансиски, судски, дисциплински и административни препораки до надлежните органи во ЕУ и на национално ниво од ОЛАФ. Во 2022 година, беа направени исклучителни напори за завршување на значителен број истраги погодени од периодот на СОВИД. Овие 256 успешно затворени случаи вклучуваат над 624 милиони евра пари на даночните обврзници на ЕУ. Севкупно, ОЛАФ препорача 426,8 милиони евра за закрепнување и спречи загуба од 197,9 милиони евра од буџетот на ЕУ“, се вели во извештајот на ОЛАФ.
Вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска пред еден месец се сретна со директорот на ОЛАФ
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во рамки на работната посета во Брисел во јуни годинава одржа средба и со генералниот директор на ОЛАФ – Европската канцеларија за борба против измами, Виле Итала, и членови на неговиот тим.
„На оваа средба од OЛАФ истакнаа дека имаат многу добра соработка со надлежните институции од Северна Македонија, особено со Одделението за координација на борба против измама на ЕУ средствата (АФКОС) во рамките на Министерство за финансии, како нивна контакт точка за соработка. Информирајќи за тековните и претстојните активности на ова поле, тие изразија подготвеност за понатамошна размена на искуства и експертиза и нагласија дека е значајно да се одржи добрата соработка со OЛАФ низ целиот преговарачки процес,“ Ни одговорија од кабинетот на Грковски на прашањето за што разговарале со директорот и за евентуалните забелешки и евидентирани злоупотреби.
Вицепремиерката Грковска ги охрабрила тимовите на ОЛАФ да продолжат со истрагите за начинот на кој се трошат средствата од Европската унија наменети за проекти во нашата земја.
„Во таа прилика таа побара и спроведување на обуки во институциите кои користат европски средства, во насока на превенција на можни идни злоупотреби,“ додаваат од кабинетот.
Во однос на последните информации пласирани во јавноста, вицепремиерката Грковска ги повикува надлежните институции темелно да истражат и да постапат во согласност со наодите на ОЛАФ, без да се прецизира конкретно за какви злоупотреби и кој ги направил тие злоупотреби.
В.Кр