Нивната насмевка освојува, но нивниот глас ве маѓепсува. Кога на едно место ќе се спојат талентот, љубовта кон музиката и желбата да се достиге врвот на совршена музичка изведба, успехот неизостанува, а емоциите се тука да го направат спојот меѓу изведувачите и публиката.
Во среда на 26 јули, штипјани ќе бидат дел од несекојдневно задоволство. Ќе имаат можност да уживаат во прекрасните изведби на босански и македонски севдалинки, во изведба на Драган Лина и Ајдин.
Драган и Лина добро им се познати на штипската па и македонската публика со своите прекрасни изведби на изворна македонска музика, a Ајдин ја освои балканската , особено македонската со неверојатната изведба на македонската, „Јано мори“. Тие тројца заедно ќе бидат дел од концертот во среда.
„Социјалните мрежи со својата моќ си го направија своето. Се поврзавме и почна нашата соработка. Јас го видов Ајдин и професорот на неколку видеа, ги анализирав. Квалитетот веднаш можеше да се препознае и јас го препознав. Веднаш ми беше јасно за каков талент станува збор. Тоа ме поттикна, имајќи во предвид талентот и квалитетот на Лина и Драган да размислувам овие три деца да се спојат, да направиме една сензација, еден заеднички концерт. Стапив во контакт со професотор на Ајдин, Јасмин Брашњич и му испратив неколку видеа од Лина и Драган. Тој ги проанализирал и ги ислушал, дошол до истиот заклучо , дека идејата за заеднички концерт е одлична и срдечно прифатена. Тоа беше пресудно. Од идеја преминавме во реализација, “ вели таткото на Лина и Драган, Лазар Костадиновски, кој е и самиот музичар.
Професорот на Ајдин, Јасмин вели дека тој е неверојатен талент, кој што се раѓа еднаш во сто години.
„Jас работам 20 години, поминав многу генерации млади луѓе, но Ајдин е ученикот кој што во текот на мојата дваесетгодишна работа, едноставно блесна. Целата оваа популарност започна со објавувањето на видеото на којшто Ајдин ја пее „Јано мори“. Оваа песна за нас двајцата е судбина. Јас знам колку оваа песна е битна за македонскиот народ, колку Македонците се сентиментално врзани за таа песна. Ајдиновата и мојата емоција се споија и „Јано мори“ е едноставно не вивна во височините. Ајдин е дете коешто фантастично ја чуствува и пренесува таа емоција, публиката тоа го препозна а заедно со Лина и Драган ќе ја подигнат целата таа емоција на уште повисоко ново,“ вели професорот Јасмин.
Лина, Драган и Ајдин се вљубеници во музиката, велат немаат никаква трема за претстојниот концерт, добро се подготвени и со нетрпение очекуваат да и се престават на штипската публика.
Лина е штипскиот славеј и веќе три години свири на виолина.
„Подеднакво сакам и да пеам и да свирам,“ вели Лина.
Нејзиниот брат Драган, од мали нозе свири на хармоника. Љубовта кон музиката и хармониката ја наследил од неговиот татко Лазар.
„Кога од мал секојдневно растеш со музика и хармоника, љубовта се раѓа и расте. Музиката е таа што не спојува и исполнува со Лина,“ вели четиринаесетгодишниот Драган.
„Уште од многу мал почнав да слушам севдалинки и македонска народна музика. Тогаш не размислував дека некогаш ќе се занимавам со музика, но откако во училиштето во шесто одделение, музичко образование почна да ми предава професорот Јасмин,приказната почна. Тој го препозна мојот талент и љубов кон севдалинките. Сето ова ми се допадна,“ ни кажа малиот Ајдин, кој што со задоволство ја прифатил поканата за концертот.
Ова не им е прв концет во Македонија. По покана на градоначалникот на Крива Паланка, во оваа општина го имаа својот прв концерт. Прекрасно доживување и неверојатен дочек, воодушевено раскажуваа и Ајдин и неговиот професор.
Верувам дека концертот во среда ќе биде неверојатно доживување и настан за паметење, вели Лазар, таткото на Лина и Драган
„Тие тројцата во среда ќе испратат позитивна енергија , енергија еднаква на атомска бомба, публиката ќе ужива во најубавите мелодии, најубавите емоции, најубавите испишани зборови и на босански и на македонски јазик.“ додаде професорот Јасмин.
В.Крстева