Еден квадрат нема да дозволиме да се изгради од предвиденото бетонско чудовиште кое општина Гази Баба планира да се изгради во населбата Ќерамидница, велат од Град Скопје.
-Согласно деталниот урбанистички план на општина Гази Баба ЦС 10.03 кој шверцерски се обидува да се помине, се предвидува изградба на 16 згради со висина од 34 метри. Поточно, предвидена е изградба на 100.000 метри квадратни бетон и асфалт и ниту еден метар квадратен зеленило.
Градот Скопје ќе постапи согласно поплаките на жителите на општина Гази Баба, но и во интерес на сите скопјани. Вакво бетонско чудовиште не смее и нема да биде дозволено да го наруши квалитетот на живот на граѓаните.
Градот Скопје ќе изврши целосна ревизија на ДУП ЦС 10.03, ќе го презентираме пред Советот на град Скопје, а го каниме и градоначалникот на општина Гази Баба да образложи што мислел кога го предложил овој монструозен ДУП со кој во целост се нарушува принципот на хумано живеење.
Градот Скопје мора да биде модерен град, град во кој ќе ставиме крај на дивееењто на урбаната мафија, самоволието во урбанизмот и ставањето на профитот пред здравјето на граѓаните, велат од Градот.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, пак, останува на одлуката дека нема да дозволи во Општина Гази Баба да се изградат 100 илјади метри квадратни нови површини каде што, како што вели, не е предвидено зеленило. Таа вели дека, „нема да дозволи урбанистичката мафија да царува со Градот Скопје“.
– Тоа што го ветивме за нашите скопјани е дека нема да дозволиме урбаната мафија да царува со Градот Скопје. Ги слушаме нивните поплаки, нивните претставки и тоа што го истакнуваат дека им смета, а во овој случај тоа е Деталниот урбанистички план на Општина Гази Баба со којшто се предвидува над 100 илјади метри квадратни изградени површини, од кои над 70 илјади метри квадратни згради, останатите 30 илјади се асфалт, вели градоначалничката Арсовска во видео материјалот преку соопштение од страна на Град Скопје.
Чекорите коишто ќе се преземат во однос на ова прашање, како што информира Арсовска, ќе бидат во насока на претставување на мислењето на Градот Скопје пред градскиот Совет заедно со сите жалби, поплаки, претставки кои се доставени од страна на граѓаните, каде што ќе биде повикан и градоначалникот на Општина Гази Баба да каже што е тоа на коешто мислел кога тие 100 илјади метри квадратни бетонизација ги предвидел во овој ДУП и, како што наведува, ќе биде побарано истиот да биде повлечен и поништен.
– Практично има над 100 илјади метри квадратни бетонизација на Градот Скопје, без зеленило и нешто коешто се коси со принципите на модерното, современо живеење во Градот Скопје, потенцира Арсовска.
Според соопштението на Град Скопје, согласно деталниот урбанистички план на општина Гази Баба ЦС 10.03 кој, како што се наведува, шверцерски се обидува да се помине, се предвидува изградба на 16 згради со висина од 34 метри, односно предвидена е изградба на 100.000 метри квадратни бетон и асфалт и ниту еден метар квадратен зеленило.
– Градот Скопје ќе постапи согласно поплаките на жителите на општина Гази Баба, но и во интерес на сите скопјани. Вакво бетонско чудовиште не смее и нема да биде дозволено да го наруши квалитетот на живот на граѓаните. Градот Скопје мора да биде модерен град, град во кој ќе ставиме крај на дивееењто на урбаната мафија, самоволието во урбанизмот и ставањето на профитот пред здравјето на граѓаните, се вели во соопштението.