Италијанец нокаутирал член на екипажот на брод кој претходно ја турнал сопругата за време на расправија на плажа на Сардинија.
На видеото е прикажан моментот кога локален човек најпрвин со спектакуларен удар соборува млад човек во костим за капење, а потоа го удира неколку пати на плажата Кала Лунга на северот на Сардинија.
Локалните медиуми јавуваат дека расправијата започнала кога моторен чамец со голема брзина дошол на брегот за наводно да земе група богати туристи за да ги врати на нивната мега јахта. Дошло до расправија меѓу мештаните и член на екипажот кој потоа ја турнал жената во бикини и почнал да покажува со прст кон неа. Сопругот веднаш истрчал и се нафрлил на младиот човек.
-Ја турна мојата сопруга – се слуша како вика на видеото.
Посетителите сепак брзо успеале да ги разделат.
Туристите веднаш се качиле на чамецот и отпловиле назад кон својата јахта со потсмев кон локалното население. На видеото може да се види жена која луто им мавта на туристите додека бродот се оддалечува.
Менаџерот на одморалиштето Франческо Витиело изјави за локалните медиуми дека странските туристи често предизвикуваат проблеми.
-Морам да ја истакнам посебната грубост на странските туристи. Премногу често Англичаните и Германците, но и Французите доаѓаат на нашето море и не ги почитуваат правилата. Следење речиси 200 километри крајбрежје во Ла Мадалена не е лесно – рече Витиело, а пренесува Дејли мејл.