Ноќеска во 03:01 часот во СВР Штип било пријавено дека во 02.50 часот на паркинг на улица „Ванчо Китанов“ во Штип настанал пожар во патничко возило „Ауди А3“ сопственост на Б.Г.(49) од Штип, соопштија од СВР Штип.
Се работи за возилото на началникот на Секторот за внатрешни работи – Штип, Боби Гидиовски. Веднаш била повикана екипа на Територијалната противпожарна единица Штип, која го изгаснала возилото. Повредени лица нема. Увид извршила увидна екипа на СВР Штип.
Пред избувнувањето на огнот, бил забележан мотоциклист како се оддалечува од местото каде било паркирано возилото.
Штипски СВР во својата евиденција има забележано серија на случаи кога гореа возила на различни локации. Само во текот на 2020 година имаше над дваесетина опожарени возила, за кои за неколку полицијата собра докази дека се намерно запалени. Опожарено беше и возилото на тогашниот претседател на ССМ – Штип.
Наке Чулев, во улога на технички министер, при посетата на Штип, рече дека полицијата има сознанија дека палењето на возилата е резултат на пресметки меѓу криминални групи.
„За дел од случаите се привршуваат истрагите,. се работи за препукување и нетрпеливост помеѓу две криминални групи и нерасчистени рбаоти. Не би сакал дополнителни информации да оддавам, за да не ја нарушам истрагата“, рече Чулев (30 јуни 2020).