Денес во Основниот суд во Штип заврши доказната постапка во судскиот процес против еден од обвинетите во случајот за сообраќајната несреќа во која животот го загубија сопружници од штипската населба ,,Балканска“. Обвинети беа две лица.
Во текот на судскиот процес, обвинетиот Деријан Ш. го признал делото и доби правосилна затворска казна од пет години. Денес му се судеше на Серген Д.
На денешното рочиште тој ги опиша случувањата кои ѝ претходеле на тешката сообраќајна несреќа со трагични последици. Категорично демантираше дека непосредно пред да се случи несреќата се тркале со обвинетиот Деријан. Призна дека возел брзо, повеќе од дозволеното, точно не знаеше да каже колку- 80, 90, а можеби и 100 километри на час.
„Јас возев позади Деријан, можеби на растојание од 50-60 метри, но кога видов дека Деријан поча да кочи а ги видов и светлата на возилото кои се доближуваа во спротивен правец, наместо да закочам, рефлексно ја свртев колата на лево, поминувајќи на делот од коловозот, наменет за возилата од спротивен правец. Се случи судирот, јас излегов од возилото, проверив дали Деријан е добро а потоа и до „ југото“, ги видов луѓето во возилото и се исплашив,“ кажа обвинетиот.
Потоа почнале да се собираат луѓе, била викната полиција, Брза помош. Преполн со емоции бил моментот кога првично се претпоставувало дека во „југото“ имало и дете, за да подоцна се потврди дека тоа не било во колата со сопружниците.
Откако се случила сообраќајката С.Д заминал на бензинска си ставил нафта и си заминал дома. Подоцна отишол и до Клиничката болница за да посети Деријан, и се понудил за сведок, тој му рекол да се меша и дека не му требало сведок. Серген си заминал дома, а утредента полицијата го привела.
Сообраќајната несреќа помеѓу „југо“ и „опел астра“ се случи на 31 мај 2022.
На местото на несреќата, од здобиените повреди починале возачот на возилото „југо” и неговата сопатничка Ј.П.(62) од Штип, додека возачот на возилото „опел астра” се здобил со телесни повреди, констатирани во Клиничката болница Штип.
Основното јавно обвинителство Штип донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица, осомничени дека сториле кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
„Двајцата осомничени, во вечерните часови на 31 мај, предизвикале тешка сообраќајна несреќа со смртни последици. Првиот осомничен управувал автомобил „опел астра“, а вториот осомничен – автомобил „сеат леон“, тргнувајќи истовремено од бензинска пумпа на кружниот тек на влезот на Штип. Со брзина поголема од максимално дозволената се движеле по улицата “Брегалничка“, еден позади друг. Доближувајќи се до крстосница, наместо да ја намалат брзината, едното возило започнало да го претекнува другото и навлегло во коловозна лента за сообраќај од спротивна насока. Во тој момент, во таа лента се движел автомобил „југо“, во кој се превезувале двајца сопружници. Возачот на автомобилот „југо“ се обидел да го избегне автомобилот кој му доаѓал во неговата лента, но притоа директно удрил во другиот престигнуван автомобил. Како резултат на сударот и здобиените повреди, во несреќата починале двајцата сопружници“, извести ОЈО.
В.Кр