Има ли мерка со која може да се измери силата на жената, особено ако е мајка?
Ако се суди по Елена Поп Костова, мерка нема бидејќи таа, како мајка на пет деца, низ животот поминала многу. Се борела за своето здравје, но како да тоа било малку, па сега како лавица се бори за здравјето на нејзината 14-годишна ќерка Луна. Болеста на нејзината ќерка и апелот за донации не ја подигна само Гевгелија на нозе, туку и сите хумани луѓе, па и најмалите, кои по идејата на малата Нина од Србија, која продава крофни за лечење на татко ѝ, се собраа и дечињата во Гевгелија за да ѝ помогнат на Луна.
Следејќи ги случувањата во Гевгелија ММС се обрати до мајката на Луна, Елена, која ни ја објасни потребата за што побрзо се соберат парите и Луна да замине на две тешки операции во Истанбул.
-Мајка сум на пет дечиња. Луна има 14 години и е близначка, бидејќи се двојајчани сестричката не настрада. А Луна поради ненавремено оперирање доби тешка фикција на мозокот, четврт степен. Од приватната болница ја префрливме на Клиника, каде три месеци беше на апарати и не знаевме што ќе се случува со неа. Во меѓувреме доби сепса, па доби бактерија. Неколку дечиња кои беа со неа починаа, а Луна се избори со тоа. Од бебе е борец. Имаше почетен стадиум на цистична фиброза, успеавме да ја излекуваме во Белград, се изборивме со тоа. Физикалните терапии упорно ги правеше. Благодарение на Ивана Дуева, која пет години се трудеше со Луна, девојчето ми прозборе.
Луна нема умствена ретардација, нормална е, но во последните година ипол ние се бориме со сколиоза. Пред четири години се обративме во наша приватна болница за операција, но не одбија. Пред два месеци бевме во Истанбул, лекарите ја видоа и ми рекоа дека мора да се собере конзилиум на лекари, да се направи скен и да се разгледа нејзината ситуација. Се виде дека е последен стадиум, органите од десната страна веќе се потиснати, не се развиваат, допираат до белите дробови, а штом допираат таму, може да дојде до смрт. А Луна е веќе во пубертет, вели Елена.
Надеж за да покрене апел за донација Елена добила од лекарите во Истанбул, кои кога ги виделе сите резултати ја прашале – што очекуваш?
-Нивните зборови беа што побрзо да се реагира за да се направи операцијата, која ќе трае од 15 до 18 часа, а за тоа време Луна ќе биде приклучена на машина, на вештачко одржување. Како ќе биде, што ќе се случи оставам на Господ, тука се вмешани Божјите раце. А јас како мајка се надевам и се држам колку што можам. Имам и други четири деца, затоа морам да бидам присебна и да бидам силна. За Луна правам буквално се, бидејќи во оваа ситуација сум сама. Сама трчам и се борам. Но, многу сум среќна што Гевгелија, иако искрено не очекував, излезе дека е полна со хуман народ. Имам поддршка од сите, секој ден добивам пораки дека се со мене, дека можам да се обратам за се што треба, дека сите врати ми се отворени само Луна да биде во ред и што побргу да ги собереме парите, додава Елена.
А дека е тоа така се виде и по акцијата на гевгеличани, кои, секој на свој начин, се трудат да ѝ помогнат на Луна.
-Се приклучија и дечињата со хуманитарната акција, која најпрво ја започна Силвија. Девојчето направи околи 100 колачиња и за еден ден се продадоа сите. Наредниот ден ме исконтактира мајката на Марија, која ми рече дека Марија со цело срце сака да помогне за Луна. Идејата за продавањето крофни е од девојчето од Србија и пораката на Марија е – сакам да помогнам Луна да се излекува и да остане жива. Така почна акцијата. Јас апелирам до сите мајки и баби да се приклучат во оваа акција. Се приклучија Лидија и Влатко, родителите на Дамјан, кои скоро исто така поминаа низ истата битка во истата клиника во Истанбул. Од вчера се приклучија најмалите дечиња, кои продаваа крофнички, продаваа лимонади. Се надевам дека ќе успееме. Сите сме во Божји раце. Помош имам од сите страни иако сумата е многу голема и не знам дали ќе успееме да ги собереме. Потребни се само 64.300 за операција, кои морам да ги пратам за да ми ја закажат операцијата. А тоа е најдоцна до септември. Остатокот до 80 илјади евра е за понатамошното лекување, додава Елена.
Оваа мајка лавица и покрај големата надеж, вели дека сепак е свесна дека Луна никогаш нема да биде комплетно здрава, но дека мајчиното срце посакува барем да биде самостојна.
-Што очекувам по операцијата? И лекарот ме праша истото – како родител што очекуваш? Јас реков дека сум свесна дека не можам да очекувам многу. Но барем девојчето да се подобри, да не биде искривено, да може добро да диши и да има стабилно седење. Како мајка ќе бидам благодарна на тоа да можам да ја изнесам надвор, да биде меѓу луѓе и да биде самостојна, бидејќи треба да и се стават шипки, треба да се работи и на нервите. Нозете на Луна ѝ се како плетенки, десната и е лева, левата и е десна, за тоа ќе треба дополнителни средства, но најпрво треба да видиме како ќе поминат овие први две операции, кои ќе се работат во ист момент. Затоа и ќе траат од 15 до 18 часа, вели таа.
Пред да го роди петтото дете Елена се борела и за своето здравје. Имала канцер, но вели „фала му на Бога го пребродив тоа“.
-Најголемата ќерка е 17 години, помалата е15.5, близначките се 14, а имам и синче кое има 4.5 години. Синчето го родив со ризик, бидејќи имав карцином. Но, се извлеков. Синот го родив со ризик, но сакав на маж ми да му родам машко дете за да го направам среќен. Лекарите ми рекоа дека раѓањето на петтото дете е голем ризик, бидејќи имало големи шанси да починам дури и при породување. По породувањето јас навистина се борев за живот, но само си реков- штом Господ ми дал уште едно дете, па и машко, јас 100 проценти ќе останам жива. И се изборив. Подоцна повторно карциномот ми се врати, но и со тоа се изборив. Сега сум добра и сум насочена кон Луна. Сетоа ова го издржувам бидејќи сум храбра мајка, знам да се носам со сè. Позитивна сум и сама си ги пораснав децата. Секако сега мајка ми ми помага. Но, имам и луѓе до мене кои се со мене, безрезервно ми помагаат, најголема поддршка ми се, вели Елена.
Кога се родиле близначињата планот бил да се викаат поинаку, но кога видела Елена што се случило им дала други имиња.
-Требаше да се викаат Ива и Ева, но кога ме снајде ова и кога ме прашаа во болница за имињата реков – ајде ова што е тука во инкубатор нека се вика Лана, а другото, за кое не се знаеше дали ќе остане жива нека се вика Луна. Ако почине секогаш кога ќе погледнам кон месечината ќе знам дека е таа. Да останеш без дете е најолемата болка за една мајка. Јас сум мајка, не е лесно, стресно е, од стрес многу ослабев, многу малку спијам. Кога обврските ќе ги завршам одам кај Луна, морам да ја изгушкам, да знае дека сме тука, дека сме ѝ поддршка. Правам со неа видеа, се сликам. Подоготвена сум на сè и на најтешката шлаканица. Ама до последно нема да се предадам. Во моментов сме во Божји раце, вели Елена со рацете испружени кон Бога.
Мама Елена вели дека Луна е свесна за сè и во моментов е многу среќна што луѓето несебично помгаат за да таа оздрави.
-Само повторува – „Фала ти Боже. Нели мамо ние ќе успееме“. Полна е со надеж, со планови што ќе прави кога ќе порасне. Умствено таа е сосема во ред, само говорот ѝ е малку тежок. Искрено да ви кажам Луна е ангел. А јас? Јас сум храбра мајка, сама го одам овој пат. Ова е многу тежок пат. На никој не му посакувам да чекори по овој пат. Некаде добиваш шлаканици, некаде добиваш насмевка и пружена рака. Но, многу е тешко кога си сам, без поддршка. Ама Господ ми дава сила, храбра сум и фала му на Господ што ми ја даваа таа сила да продолжам да го одам патот за спас. Не се предавам, вели таа на крај и најавува дека хуманитарниот штанд ќе продолжи и викендов.
Весна Миленковска
Фотографиите се објавени со дозвола од родителите