Заврши заседавањето на Кризниот штаб на Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска се обрати на јавноста.
-Мафијашки структури веќе неколку дена ја блокираат работата на ЈП „Комунална хигиена“ и тоа единствено поради лични интереси. Се работи за лица кои повеќе од 15 години работеле само една смена и тоа само трета смена спротивно на Закон и колективниот договор. Поголем дел од нив воопшто не се појавувале на работните места. Сега ја блокираат работата на претпријатеието и не дозволуваат останатите 1.300 вработени да работат. Иако нема законски најавено штрајк, иако поголем дел од тие лица повеќе не се вработени во ова претпријатие тие, сепак, извршија мафијашка блокада, рече Арсовска и продолжи:
-Директорката Мазнева беше во право кога најави дека граѓаните на Скопје поради ова ќе трпат големи штети, дека ќе се појават стаорци по улиците, тоа и се случи. Погледнете ги овие стаорци од политичките елити како веднаш отскокнаа и ја користат состојбата, која сами ја креираат, за ситни политички поени. Вчера ниту институциите не усејаа да ја прекинат оваа незаконска блокада на претпријатието, а ова е уште еден знак дека правната држава не функционира. Од оваа причина веднаш е ставен во функција кризниот штаб од скопските јавни претпријатија, излезени се на терен и чистат. ЈП веќе е во нормала и се надеваме дека од утре ќе работи со целосен капацитет, рече таа.
Арсовска исто така кажа дека „нема да дозволиме дека личните интереси на малкумина, на мафијашите, бандитите и на нивните партиски пријатели да бидат пред колективните интереси на граѓаните“.
– Заврши времето кога овие претпријатија беа третирани како приватна сопственост. Да му порачам на Мицкоски дека вечерва е разобличен, за ефтини политички поени сака да креира проблеми, а потоа да се претставува дека ги решава. Таквите политичари се најголемото ѓубре кое овој град ги видел и ние вечерва ќе почнеме со чистењето на ѓубрето да ги чистиме и нив, рече Арсовска и покажа документ во кој, како што рече, една фамилија во ЈП „Комунална хигиена“ има вработени се што му е род до шесто колено.
-Од една фамилија над 40 вработувања, од друга фамилија над 30 вработувања и овие мафијаши повеќе нема да бидат толерирани. Се надеваме дека институциите ќе продолжат да постапуваат и повеќе никогаш нема да се дозволи да се случува ова што се случува во изминативе два дена во Скопје, рече таа на крајот.