Минатонеделната несреќа во центарот на Скопје, во која 66-годишна жена го загуби животот откако беше прегазена од багер, покрена многу дилеми и различни толкувања околу тоа дали на градежната машина местото и’ е на градските улици до тоа дали возачот имал уредна документација, вклучително и регистрација на машината.
Се работи за случајот од 1 јуни, во кој на границата меѓу тротоарот и пешачкиот премин близу градилиште на улицата „Јордан Мијалков“ во Скопје, багерот удрил во жената, по што таа починала на лице место.
Сообраќајниот инженер Роберто Рогожарски, вели дека од објавените фотографии се гледа дека багерот е на тркала, што значи може да се движи по градските улици. Не е дозволено доколку машината има гасеници наместо тркала. Вториот спорен момент во јавноста е дали овие градежни машини треба да имаат регистрација, односно да поминат технички преглед.
-Овој тип на градежни машини подлежат на регистрација еднаш годишно, додека на две години се обновуваат документите за техничката опрема. Задолжителни се и техничките прегледи најмалку еднаш годишно, вели Рогожарски.
Кој може да управува со багер?
Багерот може да го управува возач со Б категорија или Ф, кој поседува документи дека знае да управува ваква машини, односно поминал обука. За работата на терен, треба да има налог за работа од компанијата која го упатува на работни задачи.
Рогожарски вели дека проблематичното како овој тип на градежни машини е видното поле, кое е ограничено, но чудно е како пешакот, сега починатата жена не успеала да ја види и чуе машината. -Багерот е прилично бучен при движењето, а освен тоа е бавен со 25-30 километри на час, па оттука прашањето е како не неговото движење не е забележано, изјави Рогожарски.
Оваа сообраќајка, која однесе еден човечки живот, покренува и прашања за уреденоста на законската материја. Во изминатите децении постоеја специјализирани обуки во рамките на авто школите, што сега ги нема и е овозможено управување на градежните машини со Б категорија.
Скопјани реагираат на густите градилишта, а со тоа и честото присуство на камиони и механизација на фрекфентните улици, по пример каде се случи неодамнешната сообраќајна несреќа.
В.К.