По краткотрајното но интензивно невреме што го зафати Штип, се запали градската депонија и набргу градот го обви чад и реа. Мерната станица за квалитетот на воздух, лоцирана во зградата на општината Штип покажува индекс на квалитет на воздухот од 60,6 µg/m³ PM10 честички.
Оваа вредност упатува на умерен квалитет на воздухот со препорака: „Да внимаваат луѓе кои се необично чувствителни на загадување од честички“.
Екипа на пожарникари е на терен. Командирот Дарко Коцев очекува пожарот набргу да се изгаси.
-Пожарот не е голем, но со ветер се осеќа мирисот. Мислам дека за кратко време ќе биде саниран пожарот, изјави Коцев.
Директорот на ЈП „Исар“. Кирил Зајков, рече дека се утврдува причината за пожарот во депонијата.
Интензивните врнежи поплавија улици, а допрва ќе се утврдуваат штети по зградите и домовите. Екипи на јавните претпријатија и ТППЕ Штип ја испумпуваат водата кај црквата Свети Никола. Од надојдената вода попушти колекторската цевка во Ново Село, а во овој дел на градот поплавена е и детската градинка. Граѓаните пријавиле поплави и во Дузлачки рид .
Општината Штип ги повика граѓаните да пријават на 193 доколку имаат потреба од интервенција на поплавени простории. Штетите може да се пријават од утре во општината.