Кога температурите се високи телото лесно може да дехидрира и затоа е важно да конзумираме што повеќе овошје и зеленчук со висока содржина на вода. Нездравата храна треба особено да се избегнува во летниот период – апелира Лолита Спирова, прехранбен технолог и фитнес инструктор. Додека температурите растат, а летото ни е на прагот, со неа зборуваме за тоа како да останеме хидрирани, какви промени да воведеме во нашата исхрана со цел да имаме едно поздраво дневно мени и која е улогата на физичката активност во одржувањето на доброто здравје.
Какви се генералните препораки во однос на исхраната за овој период од годината, кога летото ни е на прагот? Дали поради тоа што сега имаме многу сезонски овошја и зеленчуци, треба да ја направиме трпезата пошарена?
Летото е време кога телото лесно може да дихдрира и да ги изгуби есенцијалните материи. Кога содржната на вода во телото се намалува, доведува до замор и исцрппеност. Во лето треба да се јаде полесна храна која полесно ќе се вари и да се избегнува висококалоричната храна. Традиционалните јадење може да се вклучат во редовна исхрана во текот на летната сезона. Нормално, сезонските овошја и зеленчук се со висока содржина на вода и тие го надополнуваат нашето тело и се голем знак дека трпезата во оваа сезона ни е пошарена.
Како да останеме хидрирани додека температурите постојано растат и колку храната може да придонесе за ова?
Пијте многу вода.
Пиењето многу вода за време на летната сезона го прочистува нашето тело и го одржува хидрирано. Со зголемувањето на температурите, телото почнува да дехидрира, јас велам дека здравиот човек треба да пие најмалку 8 чаши дневно вода меѓутоа не со сила. Никако не смееме да заборавиме дека во оваа сезона имаме вода и од свежите овошки и од зеленчуковите производи, кои исто така придонесуваат во освежување на телото.
Какви последици може да имаме по здравјето ако јадеме тешка, пржена или таканаречена брза храна? Дали во овој период од годината кога е потполно на нашиот организам може да му е потешко од ваквата храна?
Една од најчестите последици е зголемување на телесната темепратура на човечкот.
Нездравата храна за време на летото треба строго да се избегнува. Како и мрсните грицки, кисели краставички, суви пиперки, зачини, итн. бидејќи се навистина тешки за летото. Понекогаш кажете му и на месото НЕ. Пилешкото месо во летната сезона може да ја зголеми телесната температура на човекот, па наместо месо изберете риба и ќе вклучите невегетаријански јадења во вашата исхрана. И јајцата треба да се јадат умерено за време на летото, како и зачинетата и солената храна.
Летото е време кога исто така можеме да уживаме во топлата храна и да не ни биде тешко доколку се применуваат советите кои ги дадов погоре.
Во пресрет на летото, голем дел од луѓето почнуваат со некаква грижа за телото – па кој е вашиот совет до нив? Како да се почне со промена во навиките за исхрана,а да не се тоа диети со кои ќе се изгладнеме или ќе постигнеме јојо ефект?
Избери здравје.
За мене е погрешно да се тргне од физички изглед, а не од здравје. Иако најчестата причина и одлука за физичка активност е желбата за подобар физички изглед, а тоа треба да се стави на последно место, додека здравјето на прво. Затоа што пред сѐ треба да бидеме свесни, дека доколку се бориме со вишок на килограми, треба сериозно да ја сфатиме потребата од промена на нашето тело, не заради физички изглед туку заради нашето здравје кое е многу побитно. Секако постепено физичката активност ќе ви даде: стекнување на сила, енергичност, чуство на исполнетост, позитива, чуство на леснотија, спремност и способност за работа. Оттука како резултат на сѐ ова доаѓа физичкиот изглед. Затоа треба да уживаме во процесот, да уживаме во нашето тело, сите имаме моменти кога сме стрвни за храна, кога имаме стресови, кога немаме апетит, кога имаме еден по еден роденден во неделата итн… затоа верувајте полесно ќе се носите со периодични промени на вашето тело.
Кога сме кај здравиот и правилен начин на исхрана, тоа за мене е баланс. Бидејќи само така ќе се дојде до трајни и видливи резултати. Навистина може сите да го постигнат со тоа што треба, со секој оброк да внесуваат протеини, јагленихидрати, масти и многу витамини и минерали. Иако секој почеток е тежок, треба да се почне од некаде. Омиленото јадење можете за почеток да го намалите количински или како награда да се почастите со него на крајот од неделата. Вашите омилени пијалоци, заменете ги со вода во комбинација со лимон и нане.
Изгладнувањето, исфрлањето на јагленихидрати или масти, популарни грејпфрут диети и многу други, можат само да доведат и да придизвикаат здравствени последици по здравјето на човекот. Затоа секогаш велам, немојте здравјето да си го коцкате!
Каков е вашиот совет во однос на оние кои сакаат да почнат со некаква физичка активност? Од каде да се почне, дали е доволно тоа да биде пешачење и ако спортуваат на отворено кој дел од денот треба да го наменат за тоа?
Мојот совет до сите е, да најдат слободно време во денот за физичка активност. Сите имаме исти 24 часа, не им верувам кога ќе ми речат денеска немав време. Едноставно облекувате патки и почнувате. Пешачењето е дел од физичката активност и можат кога ќе сакаат тогаш да извежбат. Дури и пред да си легнат. Доколку не знаете, не можете сами, треба да побарате помош од нас фитнес тренертите.
Вежбањето и внимавањето на храната како најмногу да се актуелизираат пред секое лето, но колку е важно тие да бидат дел од нашиот стил на живеење цело време? Како да направиме баланс меѓу овие две нешта во едно динамично и модерно секојдневие полно со обврски? Дали според Вас, луѓето наоѓаат изговори, или ако се сака, може да се внимава и да се дојде до целта?
Точно така. За жал, пред лето им текнува дека цела година биле мрзливи и дека време е да почнат да вежбаат и да се исхрануваат здраво. И тоа не се прави за нашето здравје, туку за да изгледаме убаво на плажа.
За нешто да ни стане секојдневие, ние прво треба да научиме да си го цениме и чуваме здравјето. Само треба да одлучат и веќе кога ќе почнат никогаш нема да се откажат. Како што и кажав погоре, сите имаме исти 24 часа сами одбираме како и каде ќе си го инвестираме нашето време. Ако некој успеал да отиде 8 часа на работа, да најде два часа за во кујна, да најде време за семејството и на крајот пред да си легне да извежба можат сите. Останатото го сметам се за изговор и за мрзливост. Прифаќањето на себе такви какви што сме има друго значење, да знаете дека имате вишок килограми, не сте здрави и да не правите ништо, за мене е човек кој што не се прифатил себе си таков каков што е и не се сака! Затоа треба да правиме нешто за нашето тело, нешто за себе.
Ти што го читаш ова не си сам/а, убаво е да имаме цели и да си ги остваруваме! Тука сум за секој кој има желба и сака да инвистира во своето здравје!
Вања Мицевска