Судија на претходна постапка му одреди куќен притвор на поранешниот градоначалник на Општина Центар Владимир Тодоровиќ, кој е еден од осомничените во случајот „Феникс“ за злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари во врска со набавката на дел од спомениците од проектот „Скопје 2014“.
Поранешниот претседавач на општинскиот совет Владимир Здравев, пак, доби притвор од 30 дена, како и осомничените Игор Секуловски и Љупчо Бакев. Куќен притвор му е одреден и na Тодор Делјановски, а едно лице е во бегство, информира вечерва обвинителот Љубомир Лапе по повеќечасовниот распит на осомничените во Кривичниот суд.
Тодоровиќ на излегување од судот кусо изјави дека не се чувствува виновен и оти засега нема друг коментар.
Повеќе поранешни функционери се дел од истрагата на Јавното Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција која се води против 15 лица под кодно име „Феникс“. Помеѓу осомничените, покрај македонски државјани има и државјани од Италија, а се сомничат за злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари во врска со набавката на дел од спомениците од проектот „Скопје 2014“. МИА