Бурни реакции предизвика во јавноста воведувањето на етничка графа во документите што ги издаваат матичните служби. Упатството го донесе Министерот за правда Кренар Лога, образложувајќи го со „ да се избегнале манипулации и злоупотреби со алатката етнички балансер при вработување во државната администрација“. За Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, Упатството за матична евиденција со кое се внесува националноста во изводите е противуставно, од Министерството за правда тврдат, националноста во изводите е предвидена уште со Законот за матична евиденција од 1995 година. Лидерот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов, бара одговорност и разрешување на министерот за правда Кренар Лога поради злоупотреба на службената положба. Нови социолошки раслојувања во општеството и расцепкување на македонското национално ткиво – тврди експертската јавност.
И додека во државата се развива и вжештува дебатата за уставноста или неуставноста на упатството на Лога, коцките се склопија во прилог на бугарската страна и актуелниот наметнат спор од Софија.
„Извадете нови изводи за 250 денари и станете Бугари-бугарската Фондација Македонија со ваква објава на социјалните мрежи ги повикува македонските граѓани да ги искористат измените на Законот за матична евиденција и да ги обноват изводите на родени. Во Новововедената графа -националност, во изводите да се изјаснат т.е напишат како Бугари и со тоа им гарантираат дека „можеби“полесно ќе стигнат до бугарски пасош.
Од Фондација Македонија на ФБ и со реакции дека наводно општините во Македонија масовно го кршат новиот закон на Кренар Лога и одбиваат да им дадат на Бугарите изводи од родени во кој е наведена и етничката припадност
„Во исто време веднаш издаваат извод од родени во кој се наведува етничка припадност Албанец, Македонец и др. Ова е уште едно грубо кршење на граѓанските права на Бугарите во Северна Македонија и очекуваме илјадници поплаки до ЕУ и Бугарија од дискриминирани Бугари од РСМ,“ се вели во реакцијата.
Дали балансерот ќе им се „удри “ од глава на Албанците во корист на Бугарите
Според професорот Борче Давитковски објавувањето на упатството е противуставно. Никаде во светот нема таква обврска. На попис може да се изјасните, вели, како Марсовец и тоа е легитимно, но во овој случај тука веќе се изјаснувате во државна евиденција, и токму поради тоа бугарските здруженија ја почнаа агитацијата, дека за 250 денари, колку што чини еден извод, ќе си имаат доказ за бугарско етничко потекло.
„Откако од наш орган ќе добие документ во кој како национална припадност ќе се каже Бугарин, ќе отиде во Бугарија и ќе си извади пасош. Тоа е едно ниво. Пострашно е што со 150.000 Македонци коишто веќе имаат пасош а кои се обновуваат на пет години. При обновата може да им побараат да донесат изводи, во коишто во графата за националност треба да пишува-Бугарин. Сега можеби ќе им речат дека во Македонија ви признаваат националност и така ние веќе нема да имаме само 3500 Бугари колку што се изјаснија на пописот, туку ќе имаме многу поголема бројка,“тврди Давитковски.
„И тој Министер што сега се залага за измени на Уставот, да не стои 20% за албански јазик, во иднина може да се случи ова да се однесува за некоја друга етничка заедница, не за Албанците. Ако вака даваме сертификати за национална припадност на одредена друга заедница, постои опасност, за некоја година Бугарите да ни бидат втората заедница,“додава Давитковски.
Според него, ако е некој носител на политички одлуки, тоа треба да го предвиди, да не се случи сакајќи да си ја заштити својата заедница, да се отвори Пандорината кутија, што на крај Македонија може многу да ја чини.
„Секој може да се напише како сака, тоа е лична определба но сега оваа определба влегува во државната евиденција и точно ќе се знае бројот на секоја етничка заедница,“ кажа Давитковски во тв гостување на Сител.
Чекорите до Бугарски пасош, сепак не се олеснуваат со изводот на родените
За добивање на бугарско државјанство врз основа на бугарско потекло постои одредена процедура. Прво треба да се утврди бугарското потекло, а потоа да се подадат документи за добивање на бугарско државјанство. Орган, кој го утврдува бугарското потекло е Државната Агенција за бугарите во странство ( ДАБЧ – Държавната агенция за българите в чужбина). Подавањето документи за бугарско државјанство пак се врши преку Министерството за правда на Република Бугарија.
ЧЕКОР 1
За утврдување на бугарското потекло потребни се следните документи:
- Извод од книгата на родени оригинал
- Копија од личен документ на кој е наведено државјанството и адресата на живеење на носителот.
- Документ за докажување на бугарското потекло на претходник на подносителот (мајка, татко, баба, дедо и слично)
- Декларација за бугарска национална свест
Документите се подаваат лично во зградата на ДАБЧ во Софија.
ЧЕКОР 2
Поддавање на документи за добивање бугарско државјанство во Министерството за правда
Потребни документи:
Извод од книгата на родени оригинал, издаден од соодветниот бугарски или странски овластен орган.
Уверение за неосудуван издаден од државата чиишто државјанин е подносителот. Ако подносителот има регистриран долгорочен престој во Република Бугарија или друга држава, се доставува и Уверение за неосудуван и од тамошните органи. Во уверението се наведува дека се издава за да служи во процесот на добивање бугарско државјанство.
Документ од судот со кој се потврдува дека против подносителот не се води кривично дело за прекршоци од јавен карактер, во случај ако лицето има постојан престој во Бугарија.
Медицински документ, издаден од лекарска конзилијарна комисија (ЛКК) од здравствена установа според местото на живеење со која се потврдува дека лицето не боледува од некоја од болестите по чл.61, став.1; чл.146, став.1 т.1 и 2 од Законот за здравје, како и некоја од сексуално преносливите болести. Ако нема ЛКК, тогаш документот го издава одделот за трудова медицина кон локалната или реонската болница. Ако подносителот живее во странство, тогаш документот се издава од соодветниот орган во земјата каде што престојува апликантот. ( да биде наведено дека документот се издава за да служи во процесот на добивање бугарско државјанство)
Уставниот суд не може да стави времена забрана за користење на графата за етничка припадност, додека спорното упатство не помине на седница
На брифингот со новинарите, Претседателката на Уставен Добрила Кацарска одби да каже каде точно се судира тоа Упатство за националност со постулатите на Уставот. Предлогот на Кацарска самиот Уставен суд да оформи предмет, го прифатиле сите нејзини 6 колеги.
Дали додека Уставниот суд донесе одлука ќе има времена мерка тоа да не се користи, Кацарска кажа дека во оваа фаза, кога точката не е на седница, таква времена мерка Судот не може да изрече.
„Постапката во Уставниoт суд за времени мерки не е како што е во граѓанскиот суд, на пример. Ние можеме во текот на нашата работа, ако поведеме постапка, во таа фаза одлучуваме за привремена мерка. Не можеме пред седница да одлучиме за привремена мерка“, образложи Кацарска.
В.Кр