Бог да го благослови, чичко им Али Ахмети, тој ми е мотивација целиот мој живот, бидејќи е праведен и фер, рече Дрин Ахмети (25) на прес-конференцијата, откако го купи трговскиот центар „Соравија“ во центарот на Скопје вреден 30 милиони евра. При тоа, младиот бизнисмен, забележа дека „не го цениме доволно неговиот чичко“, кој помогнал Македонија да на се подели, неприфаќајќи го предлогот на Љубчо Георгиевски.
„Ме прашавте дали зборувам македонски јазик. Не би ја имале Македонија денеска ако следеше Љубчо Георгиевски, ќе се поделеше земјата. Али Ахмети не се согласи на тоа и вие, луѓе, не го цените тоа, но ОК. Не сум тука да давам политички изјави. Горд сум што го имам Али Ахмети за чичко, но, тој нема ништо со мојот бизнис. Ништо! Нула!, рече Дрин Ахмети.
На медиумите им упати и индиректна закана, зборувајќи дека пишувањата во медиумите нему му прават штета, на неговиот бизнис и неговата бизнис мрежа. Сподели дека деновиве му се јавуваат луѓе од САД, кои го прашувале дали прави се’ по прописи.
-Јас им одговорам дека тоа се медиуми, на што ми велат: „Ако беше во САД за тоа следуваат тужби“. Само еден новинар ме праша и му одговорив, но беше скратено. Може и ова интервју ќе биде врамено, исечено. Но, бидејќи така е во животот, морате да се носите со тоа и да одите напред, одговори Ахмети.
На прес конференцијата, која беше изнудена на некој начин по бројните пишувања во медиумите, не беше откриена сумата по која е купен центарот „Соравија„. Досегашниот сопственик Хано Соравија рече дека е тоа доверлив податок. Дрин Ахмети кажа дека не вложил ни денар, туку партнерот, компанијата „ПЕ-ВЛА-КУ“, земал кредит од 6 милиони евра. Објаснувајќи за себе, кажа дека има три фирми, а со бизнис се занимава во 18 години и додека студирал и работел во своите компании.