Народниот правобранител Насер Зибери денес го презентираше Годишниот извештај на Националниот превентивен механизам(НПМ) и тоа токму денес, Меѓународен ден за поддршка на жртвите од тортура.
-Минатата година спроведени се 19 ненајавени посети, од кои: 9 во полициски станици во Скопје, Битола и Тетово, 3 посети во казнено поправни и воспитно поправни установи, 1 посета во дом за стари лица „Мајка Тереза“ – Скопје, 2 посети на психијатриски болници „Скопје“ и „Демир Хисар“, како и 4 посети на места каде што се врши сместување или задржување на странци и баратели на азил.
Сериозен проблем во Психијатриската болница – „Скопје“ е (не)редовноста во примањето на терапијата, персоналот се соочува со закани и напади, коишто во минатото резултирале и со нанесување на телесни повреди на болничкиот персонал. Конфликите меѓу пациентите на одделението се многу чести, во одредени случаи вербалните караници резултирале и со меѓусебни физички напади, а беа добиени наводи и за воспоставена неформална хиерархија меѓу пациентите на надредени и подредени. Ситуацијата е особено алармантна во попладневните и вечерните часови кога на одделението има присутно само еден медицински техничар и еден болничар, рече Зибери и додаде:
-Од судското одделение на Психијатриската болница – „Скопје“ нотирани се и чести бегства во времетраење од неколку часа до неколку месеци, а како главна причина за бегствата, пациентите ги посочуваат лошите услови за престој, недостатокот на организирани активности, но и неодобрувањето на терапевтски викенди. Материјалните услови во судското одделение во Психијатриска болница „Скопје“ не ги задоволуваат стандардите коишто упатуваат на потребата од создавање позитивна терапевтска средина. Потребно е итно преземање мерки за целосно реновирање на објектот со цел подобрување на материјалните услови како за пациентите така и за вработените, во смисла на создавање соодветни работни услови, рече тој.
Според Зибери, болницата нема можност да понуди широк дијапазон на рехабилитативни и терапевтски активности, па било констатирано дека само мал дел дел од пациентите се вклучени во работна терапија (шиење, перење) или во креативни работилници.
-Ова е целосно нефункционален систем на извршување на мерката безбедност – задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа што се извршува во судското одделение на Психијатриската болница – „Скопје“. Ваквата состојба непосредно влијае и го зголемува ризикот од злоупотреби што би можеле да значат тортура или друг вид сурово, нечовечко или понижувачко постапување или казнувањерече Зибери.
Слична сосотојба била и во Психијатриската болница „Демир Хисар“, целиот објект не е редовно и доволно одржуван, хигиената, па затоа е потребно целосно реновирање.
-При посетата во една од работните простории на персоналот беа пронајдени кожени ремени за фиксација за коишто беше истакнато дека не се користат, како и метален синџир со катанче за заклучување на просториите кога има вознемирени пациенти. Во друга ,пак, просторија беше забележан и цврст, дебел кабел со должина од 1 метар за што вработените немаа одговор зошто е таму, ниту која му е намената. Имајќи предвид дека ваквите средства може да послужат за заплашување, малтретирање или друго несоодветно постапување спрема пациентите, тимот на НПМ истакна дека е потребно веднаш да се отстранат, а заклучувањето на собите, доколку е потребно да се врши на соодветен начин, со поправка на бравите од вратите. Забрането е чување и користење на метални синџири бидејќи беа добиени кредибилни наводи дека се користат и за врзување на вознемирените пациенти за металните кревети, објасни Зибери.
Двете болници се соочуваат и со сериозен недостиг од персонал. Во Психијатриска болница – „Скопје“ од вкупно систематизирани 397 работни места, пополнети се 318, додека пак во Психијатриската болница „Демир Хисар“ недостатокот од кадар се пополнува со времено ангажирање на лица и тоа 37 од вкупно 258 вработени лица.
На денешната прес-конференција Зибери се осврна и на состојбата со казнено-поправните установи каде генералната констатација е дека се уште се присутни проблемите поврзани со прекубројноста на осудените лица и несоодветните услови за сместување, што содздава висок ризик од меѓузатвореничко насилство, како и пружање на навремена здравствена заштита на осудените/притворените лица.
-Во „Идризво“ во т.н. затворено одделение во најголемиот дел од просториите не се почитуваат Еврпските затворски правила според кои како минимален стандард за сместување лица лишени од слобода се налагаат 4м2 индивидуален простор во заедничко домување, или 6м2 во самостојно домување. Напротив тука условите доведуваат до нечовечки и понижувачки третман на осудените лица. Ова го поткрепувам со затекната сосотојба од двете последователни посетите во 3, 4 и 7 крило, како и во т. н Амбуланта, сите дел од затвореното одделение. Во т.н. трето крило беа сместени вкупно 72 осудени лица, во една од просториите којашто е со површина од 14,28м2 беа сместени 15 осудени лица, од коишто 6 спиеја на душеци на подот, а останатите на кревети на 4 ката. Во друга просторија чија површина е 21,5м2 беа сместени 11 осудени лица, додека во трета просторија во истото крило во просторија од 19,4м2 беа сместени 10 осудени лица, рече Зибери и продолжи:
-Иако по нашата втора посета дел од затечените лица кои спиеја на подот во крило 4 се префрлени во Амбуланта, сепак и понатаму останува констатацијата дека состојбата е далеку од добра.
Во т.н. четврто крило, беа сместени вкупно 124 осудени лица, од кои 36 лица спиеја на душеци на под во самиот ходник од крилото и користеа заеднички тоалет. Во просториите каде што беа сместени другите осудени лица не беше ништо подобро, имајќи предвид дека во една од просториите со 19м2 беа сместени 13 лица.
-Во т.н. седмо крило беа сместени 67 осудени лица, од кои малкумина спиеја на душеци на под, но проблемот со пренатрупаноста и тука беше присутен, па така во просторија од 17 м2 беа сместени 14 лица, а во друга просторија со иста квадратура 8 лица. Во моментот на посетата во т.н Амбуланта беа сместени вкупно 96 осудени лица, или заедно со т.н. старечко одделение вкупно 114 осудени лица. Во тој период левиот дел на приземјето беше затворен и во тек беа активности за реновирање. Во останатиот дел од зградата беше констатирано дека осудените лица се сместени во простории во коишто нема доволно кревети за секого. Во една од просториите со 15м2 беа сместени 13 осудени лица а од осудениците сместени тука се добија информации дека спијат по двајца истовремно во еден кревет или на смени и на земја. Осудените лица се пожалија на нефункционалност на бањите, поради што мора да се тушираат во т.н. старечко одделние, коешто е физички издвоено и каде често нема ни топла вода, рече Зибери.
Затворениците се жалеле и на корупција за што не сакаат да зборуваат јавно, дека за добивање на одредена погодност сè уште се користи начин што подразбира плаќање одредени погодности.
За полициските станици општа констатација е општа констатација е недоволна екипираност со кадар, како и префрлување на полициски службеници на работни задачи за што претходно немале работно искуство, без притоа да поминат обуки за спецификите на работните обврски што треба да ги извршуваат.
-Внимание треба да се посвети на оспособување посебни простории за разговори со деца, како и оспособување на просториите за задржување и лишување од слобода, разговорите се водат во канцелариите на сменоводителите .
Во текот на 2022 година биле регистрирани околу 19.930 лица коишто биле затекнати со нерегулиран статус.
На крајот Зибер не ја испушти можноста и да се пожали за состојбата во кај нив:
-Искажувам незадоволство од игнорантскиот однос на властите и кон овој механизам, преку континуираното кратење на буџетот со што ја доведува во прашање неговата работа. Уште еднаш јавно ќе ја истакнам обврската на државата што произлегува од ратификацијата на Факултативниот протокол кон Конвенцијата против тортура каде што е децидно наведено дека државите пристапнички преземаат обврска да ги стават на располагање потребните ресурси за функционирање на националните превентивни механизми, рече тој.