На површина од 2408 квадратни метри со 18 дуќани, 192 продажни пунктови, е новиот Градски пазар во Делчево, кој официјално денеска го имаше првиот работен ден. Меѓу продавачите беа многумина кои со децении по снег, дожд, сонце и секакви временски услови на отворено ги нудеа своите земјоделски производи на стариот Градски пазар. Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски и редовната продавачка на производи на градскиот пазар, Весна Милчевска симболично, со сечење балони, го означија почетокот на работата на новиот градски пазар во Делчево со што објектот се предава на користење на пазарџиите, за да го развиваат својот бизнис и да придонесат за развој на локалната економија.
Меѓу првите купувачи на првиот пазарен ден без присутни премиерот Димитар Ковачевски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски. Премиерот Ковачевски си замина од Делчево со неколку кеси овошје и зеленчук, а на лице место ги проба и праските, кои ги сподели со министерот Николовски и градоначалникот Трајковски.
Пред да си замине, на насобраните граѓани им кажа дека како влада им е важно да го поддржуваат економскиот развој на општините.
-Нема да дозволиме антиевропските субјекти да ги закочат европските перспективи на граѓаните, за свои цели, а луѓето да чекаат во 21-от век да добијат елементарна услуга – Градски пазар. Нам ни е важно да го поддржуваме развојот на општините, затоа што секој граѓанин во секоја општина заслужува пристојни и подобри услови за живот, од инфраструктурен, социјален, образовен, здравствен, од секој аспект, рече Ковачевски.
Вкупната вредност на новиот градски пазар е 45 милиони денари. Од нив 50% се средства инвестирани од Општина Делчево, а останатите се од Владата преку Агенција за финансиска поддршка на руралниот развој и преку Центарот за развој на Источно-планскиот регион.
-И токму овде во Општина Делчево преку Програмата за рурален развој, покрај изградбата на градскиот пазар, за периодот од 2017 до 2022 година, сме поддржале проекти во вредност од 44,7 милиони денари. Преку мерките, 112, 113 и 115 на МЗШВ, за Далчево како земјоделска општина, сме дале поддршка на дваесет апликации за поддршка на млади земјоделци со грант од 10.000 и 20.000 евра и поддршка за активен женски член во земјоделско домаќинство со грант од 3.000 евра, рече министерот Николовски.
Според Николовски, изградбата на овој пазар ќе го направи Делчево, како погранично место, економски центар, не само за градот, туку и регионот
Потсетувајќи на неодамнешната поплава и поддршката што Делчево ја одби од владините институции, општините,бизнисот и останатите кои сакаа да помогнат, граодначалникот Трајковски рече дека оптината работи со цел да создава услови кои ќе донесат развој на локалниот бизнис. Токму современиот градски пазар гради нов имиџ на градот, воведува нови стандарди и ќе овозможи Делчево да го има приматот во пограничниот регион во меѓуграничната размена на стоки и услуги.
-Верувајте, нема поубав ден за еден градоначалник, од денот кога ќе се заврши и ќе се стави во функција еден капитален проект, како што е сега, новиот градски пазар, ветуван со децении. Ова е објект кој ќе остане да сведочи за генерации и генерации граѓани и е уште еден доказ дека, кога се работи посветено, одговорно и домаќински, нема што не може да се направи за своите граѓани. Делчево успеа и овој пат, да се издигне над проблемите и во интерес на граѓаните да го добие овој капитален објект. Градскиот пазар е реалност и за граѓаните и за пазарџиите од Делчево и регионот, па со задоволство денес им го предаваме, за да го користат, да го развиваат својот бизнис и да бидат горди што се дел од новата приказна на Делчево, истакна Трајковски.
Делчево многу често е домаќин на граѓаните од соседна Бугарија, кои во саботите, кога е пазарен ден, доаѓаат да набават земјоделски производи по пониска цена за разлика од нивните пазари. Но и не само по земјоделски производи, туку и да испазарат по маркетите, да ручаат или да добијат здравствена услуга. Се’ заедно ја раздвижува локалната економија, а новиот градски пазар создава услови тој развој да биде уште поголем.
Новиот градски пазар со одлука на Советот, е даден на трајно користење на ЈКП „Брегалница“. Во тек се градежни работи на изградба на паркинг и улици на локацијата на новиот градски пазар. Согласно со проектот предвиден во Развојната програма на Општина Делчево за оваа 2023 година, ќе се изградат 3.500 м2 паркинг и улица 6.1 , со цел кружно сообраќајно поврзување. Вредноста на работите е околу 5 милиони денари, а средствата се обезбедени од Буџетот на Општина Делчево. Работите ги изведува ОСД КИРИЛ, а изградбата треба да заврши за еден месец.
Со овие градежни зафати, комплетно се решава инфраструктурата и сообраќајната комуникација на новиот градски пазар. Претходно, на оваа локација се изгради и новата улица 3 која го поврзува пазарот со улицата кај пешачкиот мост и детската градинка и овозможува современ сообраќаен пристап со потребните такси и автобуски стојалишта.
В.К.