Дури 57% од младите не се воопшто заинтересирани и не ги следат политичките настани. Ова е индикатор кој укажува на потребата од политичко образование – нотираше Фондацијата за демократија на Вестминстер во своето најново истражување.
Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири се согласува дека политичкото образование треба да се унапреди и тоа да биде воведено во погорните одделенија и средните училишта. Шаќири очекува тоа да се случи во учебната 2024/2025 година.
„Во тек е најкрупната реформа на основното образование што досега се случила кај нас. Се воведуваат повеќе изборни предмети согласно интересите и афинитетите на учениците. Целата реформа е проектирана за да ги насочува младите повеќе да учат за демократијата, за мултикултурализмот, ги учи да бидат толерантни и по мирен пат да решаваат конфликти, како и да ги почитуваат различностите“, изјави ресорниот министер.
Директорот на Бирото за развој на образованието, Зекирија Хасипи истакна дека отпочнатите реформи во образованието нема да бидат целосни без политичкото образование.
„Бирото активно се заложува за воведување на политичкото образование во образовниот систем. Политичкото образование е важно од повеќе причини бидејќи ја развива граѓанската свест и ги поттикнува младите да бидат активни граѓани, да формираат политичко мислење, да анализираат политички идеи и идеологии, да учествуваат во јавниот живот, да ги анализираат политичките процеси и одлуки и да формираат лични ставови. БРО се залага што повеќе содржини од политичко образование да се интегрираат во предметите од редовната настава“, додаде Хасипи.
Професорот Ненад Марковиќ пак, укажа дека недостатокот на соодветна политичка социјализација кај младите, како и општиот недостаток на демократски капацитет на македонското општество негативно влијаат врз ставовите и вредностите на сите возрасни групи, вклучително и младите.
Тој претстави преглед во однос на тоа каде досега се среќаваат содржини поврзани со политичкото образование, со што се донесе заклучокот дека гимназиското образование не опфаќа доволен обем на политичко образование, за разлика од средните стручни училишта каде што имаме задолжителни предмети, кои го обработуваат овој оддел.
Марковиќ истакна дека од анализите се забележува дека дури 57 отсто од младите не се воопшто заинтересирани и не ги следат политичките настани, но тоа што него најмногу го загрижува, како што рече, е дека според резултатите од анализата младите повеќе веруваат во теории на заговор од постарите.
-Индексот на медиумска писменост е најнизок кај нас од земјите од Југоисточна Европа, нагласи Марковиќ, додавајќи дека нашата држава покажува слаби резултати и на ПИСА тестовите во областите читање, математика и природни науки.
На ова се надоврза проф. д-р Иван Дамјановски, кој рече дека воведувањето на предметот Политичко образование во сите средношколски установи, како и инвестирање во квалификуван наставен кадар се најважните фактори кои ја зголемуваат ефективноста на политичкото образование врз политичката култура, демократската свест и политичката партиципативност кај младите.
Директорката на ВФД во земјава, Дона Костуранова порача дека инвестирањето во политичкото образование на младата генерација е неопходно за да се обезбедат услови за демократски развој, граѓанско учество и грижа за политичките и за граѓанските слободи и права денес и во идината.
„Потребно е воведување на содржини од областа на политичкото образование во средните училишта, за средношколците да бидат информирани и ангажирани граѓани“, нагласи таа.
Препораките во анализата се фокусирани на следење на образовните состојби и развојот на вештини кај учениците со цел надградување на образовните содржини и давање на поддршка на останати пристапи кои директно влијаат на политичката писменост како ученичко и младинско организирање и медиумска писменост.
Анализата е изработена на почетокот на 2023 година, како активност на ВФД и Претседателскиот Центар за политичко образование, во рамки на проектот „Практикувај Демократија“ финансиран од Британската Амбасада.