Во исечокот од видеото кој погрешно е интерпретиран во постот, Подољак зборува за хипотетичка ситуација во која ЕУ би престанала да ѝ помага на Украина и објаснува што би се случувало во Европа, доколку престане помошта во оружје. Но, тој не кажува дека Украина би вршела терористички напади во Европа, туку вели дека во Украина би имало геноцид, дека целосната безбедност во ЕУ би била нарушена, не би можело да се воспостави контрола врз демократските процеси и би се очекувале терористички напади
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:
Не е до човечето до дозата е.
Владата на Украина сега се заканува дека ќе започне со терористички напади низ Европа ако Европската унија престане да испраќа оружје во Украина
(М. Подолјак, советник на Зеленски).
Во споделениот видеоматеријал, прикажано е интервју за телевизиски канал во коешто учествува Михајло Подољак, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Во исечокот од видеото, кој погрешно е интерпретиран во постот, Подољак вели:
Господинот Борел може да рече „Ние ќе престанеме да даваме оружје на Украина“. Но, тоа би значело геноцид во Украина, а војна би почнала во други држави. Бројот на терористички напади во Европа значително ќе порасне. Генерално, тоа би значело дека во Европа нема веќе да може да се седи комотно во кафетериите и да се јадат кроасани, ниту пак, да се менаџираат политичките процеси. Доставата на оружје мора да продолжи...
Тој не зборува за терористички напади коишто Украина би ги спроведувала во Европа доколку престане доставата на оружјето, туку говори за општ пораст на терористичките напади како резултат на изгубената војна во Украина што би ги охрабрило сите оние кои би сакале да и наштетат на Европа преку тероризам. Целиот контекст на даденото интервју е во смисла на наративите коишто официјален Киев и претходно ги постави во меѓународните дијалози, а тоа е дека на Украина ѝ треба помош во оружје, со цел Русија да не почне да ги загрозува и напаѓа и државите од ЕУ и НАТО, односно да не се прелие војната во Европа. Уште од почетокот на воената инвазија на Руската Федерација врз Украина, претседателот Володимир Зеленски укажува на тоа дека Украина е „штит за Европа“. На прес-конференцијата на годишнината од воената инвазија на Русија врз Украина, новинарот на Еј Би Си Њуз, го праша Зеленски што би им порачал на Американците кои сметаат дека Америка дава преголема помош за Украина. Зеленски хипотетички зборуваше за тоа што би можело да се случи доколку Украина ја загуби војната:
САД никогаш нема да се откаже од земјите членки на НАТО. Ако се случи Украина да загуби поради различни мислења и ослабнување, поради ослабена поддршка и помош, тогаш Русија ќе влезе во балтичките земји, во земји членки на НАТО и тогаш САД ќе мора да ги испратат своите синови и ќерки, исто како што ние ги праќаме нашите синови и ќерки во војна. И тие ќе мора да се борат. Зашто зборуваме за НАТО. И тогаш, тие би умирале. Не дај Боже, тоа е нешто ужасно, рече тогаш Зеленски (околу 1 час и 40 минути од видеото).
Сличен е и наративот на Подољак во видеото од постот што го рецензираме. Михајло Подољак, советник на претседателот Зеленски, не ја уценува Европа или Европската Унија, како што невистинито се тврди во постот, со некакви терористички напади доколку ЕУ престане да ѝ помага на Украина со оружје. Тој зборува што би се случило во таков случај – дека во Украина, според него, ќе има геноцид, а во ЕУ зачестени терористички напади и животот нема да биде левтерен, а политичките процеси во Европа не би можеле да се контролираат.
Како што пишуваат проверувачите на факти на Дисинфо Детектор, Подољак не го уценува Западот со терористички напади. На интервјуто на телевизијата Рада, на 10 мај 2023 година, тој вели дека Русија продолжува да биде безбедносна закана за целиот демократски свет и дека ако земјите во Европа престанат да доставуваат оружје за Украина, ова може да води до понатамошна агресија против Украинците, како и зголемување на интензитетот на војната во соседните држави, но и зголемување на бројот на терористички напади во Европа. Подољак ги коментираше зборовите на Жозеп Борел. Како што пишува Дисинфо Детектор, тој забележал дека Борел апсолутно искрено верува во победата на Украина и прави сè што може за да помогне. Тој додава дека „едноставно не е потребно да се каже дека Украина би можела да стане марионетска држава ако Западот престане да помага“. Според Подољак, ова е невозможно, зашто во какво било сценарио, „третина од популацијата во Украина би била уништена“ и „ќе биде извршен геноцид“.
Тој зборува за хипотетичка ситуација во која ЕУ би престанала да ѝ помага на Украина и објаснува што би се случувало во Европа, доколку престане помошта во оружје. Но, тој не кажува дека Украина би вршела терористички напади во Европа, туку вели дека во Украина би имало геноцид, дека целосната безбедност во ЕУ би била нарушена и не би можело да се воспостави контрола врз демократските процеси и дека би имало терористички напади.
Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме оценуваме како невистинит.
Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.