Хиперпродукција на медицински кадри, а во болниците нема кој да работи. Овој феномен се надоградува со неодамнешното давање дозвола за основање на основање на Факултет за здравствени науки при Приватната високообразовна установа Меѓународен универзитет „Визион“ Гостивар. Одлуката е на Владата објавена на 8 јуни во Службен весник на РСМ.
Приватен универзитет „Визион“ со седиште во Гостивар работи веќе 8 години со акредитација од страна на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование на Република Македонија, за вршење на настава на македонски, англиски и турски јазик.
Универзитет има шест факултети, Школа за докторски студии и докторска програма по клиничка психологија и два институти. Ова ќе биде четвртиот факултет во државата покрај тие во Скопје, Штип и Тетово што ќе продуцираат здравствен кадар и втор факултет во мала концентрација на факултети на само 24 километри растојание меѓу двата града.
Феноменот на хиперпродукција на кадри, неодамна добро, прецизно математички го образложи универзитетскиот професор, Дејан Трајковски.
Пренесуваме дел од неговата анализа:
„Само до пред 6 години на Медицински факултег во Скопје се запишувале 280 студенти, сите одлични од првиот до последниот. Последниот, 280-иот запишан имал персентилен ранг 92, што значи дека бил подобар од 92% од сите државни матуранти на ниво на цела држава. Инаку ваков персентилен ранг се постигнува доколку ученикот ги има петки во сите четири години во средно училиште, со најмногу три четворки на државната матура. Само во Тетово и Штип, два града со вкупно 95.000 жители, на медицинските факултети да дипломираат безмалку 600 души во само една година.
Да видиме прво што е нормално. Во Америка дипломираат 8 на 100.000 жители годишно, а во Германија 12 на 100.000. Толку е нормално квалитетно да студираат и да дипломираат.
Сега ќе видиме што НЕ е нормално. Во Македонија лани дипломирале 879 на 1,8 милиони жители, односно 49 (!) на 100.000 жители, четири пати повеќе отколку во Германија и 6 пати повеќе отколку во САД.
Aко ги земеме предвид само полошкиот и овчеполскиот регион со околу 300.000 жители, од каде главно се запишуваат во Тетово и Штип, доаѓаме до вртоглави 200 дипломирани на 100.000 жители годишно!
Да се вратиме на Медицински факултет во Скопје, истата таа година (2017) дипломирале се на се околу 110 студенти, да претпоставиме од 280 запишани во 2010/11 година, односно исто колку во 2017 година. Ранг листата на запишаните ни кажува дека првите 110 (колку што дипломирале) од 280 запишани имале персентилен ранг од најмалку 96, што значи дека приближно сите со персентилен ранг понизок од 96 пропаднале во текот на студиите, иако сите запишани биле одлични со сите петки во средно и со најмногу две четворки на државна матура. Ова нека ни послужи како ориентир за нормалност (иако високото образование е во слободен пад од 2009 година) и нека ни покаже каков кандидат може и смее да дипломира медицина, но и друг факултет, доколку сериозно се работи.
Доаѓаме до 2022 година, кога во државата дипломирале 879 (!) студенти по медицина, а од овој број 333 „дипломирале“ на тетовскиот државен универзитет, 298 во Скопје на УКИМ и 248 во Штип, на УГД. Имало најмногу дипломирани во однос на останатите факултети, па слободно може да се каже дека лекарите се нашите нови правници, коишто ќе го преплават бирото за вработување и ќе ја урнат платата на лекар на помалку од 30.000 денари, пишува Трајковски.
иконографик: Дејан Трајковски