Оптимист сум дека со формирањето на новата влада во Софија ќе започне и новото поглавје во односите помеѓу Северна Македонија и Бугарија, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за француската телевизија „Франс 24“.
– Од моето искуство, она што беше штетно за нашите односи со Бугарија и за нашата европска перспектива е овој бесконечен изборен процес во Бугарија и немањето политичка влада како соговорник за да се воспостави доверба и комуникација и да одиме напред, вели Османи во интервјуто во врска со македонско-бугарските односи и очекувањето за продолжување на дијалогот помеѓу двете земји.
Тој потенцира дека скрининг процесот со Европската Унија е во тек и се одвива со добра динамика врз основа на што ќе ги добиеме извештаите од скринингот и патоказот за отворање на поглавјата, а паралелно се одвива и процесот на уставните измени и впишувањето на Бугарите во Уставот.
Во однос на реформската агенда и напредокот на земјава во борбата против корупцијата, Османи вели дека имаме најдобар резултат во регионот во исполнување на политичките и економските критериуми од европското АКИ, а за уште подобро да напредуваме и да покажеме вистински резултати потребно е да почнеме да ги отвораме преговарачките кластери.
– Инсистираме на отворање на кластерите за преговарање. Преговорите за пристапување ги имаат овие сеопфатни поглавја за владеење на правото, поглавја 23 и 24, кои се отвораат први и затвораат последни. И тие ја обезбедуваат рамката преку која ќе можеме да го подобриме и да го европеизираме нашето општество, потенцира Османи.
Тој потсетува дека со тоа што толку долго беше на патот кон ЕУ, земјава беше фаворит дури и во споредба со држави кои ги започнаа пристапните преговори пред десетина години.
– Оваа предност и побрзото отворање на поглавјата, ќе ни помогне за да можеме побрзо и да ги затвориме преговорите, нагласува Османи во интервјуто за „Франс 24“.