Во силното невреме што попладнето го зафати крајниот источен регион и селата во подплачковичкиот регион, настрада и стадо со овци и јагниња, сопственост на сточар од селото Парналија, општина Карбинци. Гром удрил и на место усмртил четириесетина овци со јагниња, кои во тоа време се наоѓале на напасување во близина на селото.
Информацијата за ММС за потврди градоначалникот на Карбинци, Виктор Паунов, кому му се јавил сточарот – сопственик на стадото да го пријави инцидентот.
-Немам повеќе информации бидејќи од невремето мрежата беше лоша што одвај се разбравме, изјави градоначалникот Паунов.
Невреме со пороен дожд, врнежи од град и грмежи попладнево ги зафати Делчево и околните населени места. Поројниот дожд поплави голем дел од подрумските простории и предизвика тешкотии во одвивањето на сообраќајот.
Врнежите од град со големина на лешник оштетија дел од раноградинарските култури, а настрадаа и дел од овошните насади.
УХМР јави и за невреме во Беровско.
фото: Архива