Ангела, Ѓулизер, Демиран, Костадинка, Душица, Анастасија и Мелек се нашите нови хероини. Тие ќе ги бранат боите на Македонија на Специјалната олимпијада која оваа година се одржува во Берлин, Германија. Шест ученички се дел од женскиот кошаркарски тим, а Мелек е во тимот за пинг-понг.
За првпат на оваа Олимпијада ќе учествуваат ученици од Државното средно училиште „Искра“ од Штип. За Германија заминуваат од понеделник, а Специјалната Олимпијада ќе се одржува од 17 до 25 јуни.
Ова е ново, несекојдневно доживување за учениците, вели директорот на ДСУ Искра, Тони Петрушев, кој и самиот е дел од екипата, како тренер по пинг-понг.
„Кошаркарската екипа е составена од 10 члена, станува збор за инклузивен тим, во кој шесте кошаркарки се лица со посебни потреби и четири кошаркарки мора да бидат од тимови коишто се натпреваруваат во првата кошаркарска лига. Така во тимот имаме две кошаркарки од Скопје и две од КК од Крива Паланка. Сите подготовки се направени и во понеделник на 12 јуни заминуваме во Германија“, вели Петрушев.
Професорот Александар Митевски којшто го тренира тимот вели дека како училиште, учениците редовно учествуваат на сите настани кои се организираат од страна на Специјалната олимпијада Македонија. Се организираат два такви настани во текот на годината-Европска кошаркарска недела и Европска фудбалска недела.
„На европската кошаркарска недела што се одржа во декември минатата година ни беше соопштено дека наша екипа ќе учествува на Специјалната Олимпијада што ќе се одржува од 17-25 јуни 2023, во Берлин. Во јануари беа направени систематски прегледи, утврдено беше дека децата се физички здрави да учествуваат и од половината на март започнавме со интензивни подготовки. Мора да се каже дека ученичките се аматерки, немале до тогаш можност интензивно да тренираат, ама полека, со упорност достигнавме степен да може да играат. Имавме и седум заеднички тренинзи во Скопје со четирите партнерки- кошаркарки,“ образложи Митевски.
ММС го посети училиштето и разговараше со младите олимпијки.Тие беа пресреќни што ќе бидат дел од ваков настан, се надеваат дека во некои натпревари ќе бидат победнички а зошто да не, да се вратат и со некој медал.
„Одиме за Берлин“ се пофалија и на ФБ страната на нивното училиште. Горди се и тие и сите вработени во оваа средно училиште во кое што сите деноноќно го делат секојдневнието.
„Најважно ни е да учествуваме, да се забавуваме, па сега ако победиме ќе биде уште поубаво“, ни изјави Ѓулизе којашто е дел од кошаркарскиот тим.
А можност за дружба, за прошетки, па и забава ќе имаат со оглед на начинот на којшто се организира оваа Сепцијална олимпијада. Пред да пристигнат во Берлин целата македонска екипа од понеделник, (12 јуни до 17 јуни) ќе престојува во градот Олденбург. Тоа е градот домаќин на нашата репрезентација со чиј состав влегуваат тимовите од сите дисциплини. Имено секоја државна репрезентација си има свој град домаќин.
„Тука домаќините ќе бидат задолжени за нашиот престој, ќе бидат организирани прошетки, посети по културно-уметничките споменици. Во Берлин ќе заминеме на 17 јуни,“ ни изјави Митевски.
„Додека нашата делегација се подготвува за овој престижен настан, да ги бодриме со сета наша сила! Се подготвуваме за да освоиме медали, но и да ги освоиме срцата на сите поттикнувајќи ширење на свеста за поинклузивно општество. Заедно, да ги прославиме уникатните способности и достигнувања на нашите исклучителни атлети,“ стои во објавата од Специјалната Олимпијада Македонија, а многу успех и добар помин им посакува и екипата на ММС и Канал 77.
В.Кр