Кардиохирургот Сашко Јовев, кој беше разрешен од функцијата директор на Клиниката за кардиохирургија, изјави дека веројатно има некое недоразбирање и грешка во изјавата на министерот за здравство Фатмир Меџити. Министерот рече дека Јовев е разрешен по извештајот на инспекцијата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ). Меѓутоа, д-р Јовев во интервју за Слободен печат вели дека воопшто немало таква инспекција.
-Комисија од ДСЗИ воопшто не се појави, туку беше комисија од Министерството о за здравство. Со комисијата разгледавме 17 точки од кои постапуваме, бевме подготвени, бидејќи по тие точки секојдневно постапуваме. Едноставно да ја сфативме како редовна контрола од Министерството за здравство, не беше од ДСЗИ. Беше директно назначена од кабинетот на министерот, рече д-р Јовев.
На прашањето дали ќе си замине од Клиниката, Јовев беше дециден:
-Нема да се спакувам и да си заминам, затоа што цел тим ќе дојде со мене. Грев е да се затвори клиниката. По пресот добив многу поддршка. Добив поддршка од СДСМ, чие место е ова во Клиниката, од друга страна имам поддршка од сите колеги од ДУИ, и опозициските партии влегоа во моја одбрана, затоа што јас влегувам како професионалец, кажа д-р Јовев.
Тој најави дека ќе остане и ќе продолжи да оперира со својот тим, останал во државата и не заминал и покрај тоа што 7 години бил надвор од државата. Очекува да се разбере со министерот и ова да се исправи. Слушнал дека на повеќе колеги им било понудено директорското место во Клиниката, но сите одбиле.