Голема е веројатноста од септември да се повтори веќе виденото сценарио и дел од учениците да ја започнат новата учебна година без дел од своите учебници, со оглед на тоа, што според новата програма летово треба да се изработат учебници за трето и шесто одделение.
Министерот за образование Јетон Шаќири уверува дека има автори за спорните учебници, некои од учебниците се во различна фаза од изработка и одобрување, но има рокови за жалби, за исправки, но сепак тој се надева дека „овој 1 септември, ќе биде најдобриот 1 септември од сите досегашни, по подготвеност и достава на учебниците“.
- Националниот совет за учебници ги има одобрено сите учебници, освен овие два-три кои доцнеа. Очекувам овој 1 септември да биде поподготвен од сите 1 септември, да бидат учебниците доставени зе сите ученици. За трето одделение и за шесто одделение правиме напори учебниците да бидат изработени, во овој период на распуст, како и за дел од стручнте струки во средното образование – рече Шаќири на прес-конференција по средбата со претседателот на ССОНК Јаким Неделков и претставници на Solidarity Center, најголемата меѓународна организација за заштита и унапредување на работничките права со седиште во САД, како и претставници на Американската федерација на наставници.
Одговарајќи на новинарско прашање, Шаќири вели дека нема предвидено санкции за авторите во чии учебници се провлекуваат грешки.
- Сум побарал од авторите колку повеќе грешки може да исправат, за следните учебници кои ќе се испечатат да бидат со што помалку грешки , вели министерот Шаќири, додавајќи дека нема да има никакви проблеми од 1 септември за одобрените учебници, додека за неодобрените ќе се направат максимални напори истите да се изработат.
Со новиот закон за образование , министерот Шаќири најави и дополнителни мотивации за авторите на учебници, како исплата на хонорарот за учебникот, кој досега авторите го добиваа на рати во тек на пет години, затоа што толку трае авторското право, да се исплаќа еднократно. За дел од авторите на учебници кои работат како наставници Шаќири има предлог, за мотивација, да имаат и повисока плата.