Ниту напред ниту назад. Заглавени се повеќе десетици возила, комбиња, автобуси и камиони на патот Велес – Прилеп на две локации кај Росоман и Прилеп. Блокираат земјоделци, поради нефункционален систем за наводнување. Заглавените луѓе на патот, каде се најде и репортерот на ММС, реагираат дека никој не информирал дека ќе има блокади, додека не можат да мрднат од колоната или да најдат излез кон некој спореден пат за да се вратат назад.
Меѓу заглавените се и две комбиња со странски туристи, кои тргнале кон Битола и Охрид.
– Луѓето се заглавени на патот и никој не ни кажува. Срамота, ова е бесмислено, реагираше еден странски турист за ММС.
Возачот на едно од комбињата рече дека не ни знаел дека ќе има блокади.
– Носиме туристи на прошетка во Битола и Охрид и не сме информирани за блокадата. Сега кажуваат дека до 14 часот нема да може да поминеме, ќе треба да седиме овде. На ниеден медиум не кажаа, вели возачот.
Луѓето се револтирани и на сообраќајната полиција, која ги сретнала на неколку места и не ги предупредила дека има блокади или да ги насочи на друга делница.
Наидовме и на револтиран иселеник од Австралија, кој патува кон родната Битола.
-Сменивме 3-4 авиони од Австралија да дојдеме до Скопје и ова нешто да го видиме?! Да ви е срам на сите!, рече иселеникот.
Друг возач на патот рече дека дошол од Швајцарија.
-Од Швајцарија си дојдов, никаде не видов полиција освен во Македонија. Полицијата не’ сретна, требаше да ни каже не одете, ќе се вратевме, луто вели човекот.
Заглавените остануваат на пат. Нема нови информации, додека земјоделците се упорни дека ќе останат до 14 часот. Долгиот камион со кој е блокиран патот, засега не мрднува. Луѓето влегоа во кавга со земјоделците, на кои им порачаа да одат пред Собрание во Скопје и таму да си ги кажат маките.
В:К.