Штипјанецот, Бојан Мицев кој гради интернационална кариера деновиве се закити со нова награда. ММС и претходно пишуваше за неговите професионални успеси на полето на танцот, а Мицев сега раскажа за каква награда се работи и како течел процесот на кореографија. Тој открива и дека летово ќе настапи токму пред публиката во својот роден град.
Деновиве се закити со уште една награда во Германија, за што поточно станува збор?
-Со вистинско задоволство и огромна чест пред неодамна ја примив наградата од публиката „Höhenflug förderpreis” за мојата кореографија „The Station”. Тоа е награда што се доделува секоја година на еден млад кореограф кој ќе добие најмногу гласови од публиката во склоп на танцовата програмата „SubsTanz”.
Годинава во рамки на програмата беа изведени вкупно шест кореографии, а публиката имаше можност да гласа за својот фаворит уште од самата премиера па сè до последната претстава. Посебна радост е тоа што веќе втора година по ред наградата доаѓа во мои раце, особено поради фактот дека се наоѓам на меѓународно тло во конкуренција со кореографи од Германија, Јапонија, Јужна Кореа, Велика Британија и Кина.
Каков беше процесот на креација и кои луѓе беа инволвирани во твојата кореографија?
-Годинава одлучив да се впуштам во двојна улога во самата креација, како кореограф и танчер истовремено. Искрено, тоа е нож со две острици бидејќи секогаш кога креираш и си присутен внатре во процесот, ја губиш можноста во истиот момент да бидеш од надворешната страна и да го следиш процесот како трето лице – набљудувач. Јас работев така што првичниот движечки импут го создавав впуштајќи се внатре во процесот, а потоа низ видеа правев рефлекција и дополнителни финеси во движењата. Во однос на тимот, како и лани, така и оваа година соработував со македонскиот композитор Томе Темелкоски кој создаде оригинална музика за ова дело. Марине Санчез Егаз(Франција) како асистент, драматург е Брита Хорват(Германија), а заедно со мене игра Амбре Твардовски (Франција).
Минатото лето беше доста активен, со ангажмани меѓу другото и во Шпанија, а лето 2023 веќе ни е прагот. Какви ангажмани те очекуваат во следните месеци?
-Сезоната во Германија полека привршува, па така полека го насочувам фокусот кон Македонија каде се подготвуваат два нови проекта во продукција на Здружението за културни активности Моушн Нетворк. Во рамки на проектот Современа танцова тура 6 се подготвува танцовата претставата „Компоненти” која ќе биде изведена на 21 јуни 2023 во Домот на културата „Ацо Шопов” во Штип. Во склоп на претставата, македонската публиката ќе има можност да види пет различни дела од македонски кореографи вклучувајќи го и нашето гостување на Танцовата Компанија Оснабрук од Германија. Понатаму во текот на ова лето, исто така планирана е премиера на нова театарска претстава, а повеќе детали за тоа ќе има наскоро.
Дали сè уште живееш и работиш во Германија? Што те исполнува во слободно време?
-Сè уште сум стациониран во Германија и засега работите се развиваат во добар правец, а слободното време го искористувам за социјализација, различни хобија и истражување на нови места во околината.
Вања Мицевска