Првиот Билатерален форум на тинк-тенк организации од Македонија и Шпанија под наслов „Размислуваме и работиме заедно“, ќе се одржи денеска во Скопје во организација на Институтот „Преспа“, на заедничка иницијатива со Кралскиот институт Елкано од Мадрид.
На дводневниот форум денеска и утре во Скопје, претставници од три шпански тинк-тенкови и четири шпански универзитети ќе разговараат со претставници од тинк-тенк заедницата од земјава.
Првиот ден форумот ќе се одржи во амфитеатарот на МНР, каде воведни обраќања ќе имаат државниот секретар во МНР Филип Тошевски, шпанскиот амбасадор Хозе Луис Лозано Гарсија и извршните директори на Кралскиот институт Елкано Чарлс Пауел и на Преспа Институтот Андреја Стојковски
Во дискусијата на претставниците од тинк-тенк заедницата од двете земји на политичка дебата за актуелната состојба во односите меѓу двете земји и потенцијалот за соработка во иднина, ќе им се придружат вицепремиерите Фатмир Битиќи и Бојан Маричиќ, министерката за одбрана Славјанка Петровска и државниот секретар за надворешни работи Филип Тошевски.
На вториот ден што ќе се одржи во Клубот на пратеници, форумот ќе даде заклучоци, но и препораки за шпанската Влада, шпанското претседателство со Советот на ЕУ во однос на Северна Македонија и Западен Балкан, како и препораки за Владата во насока на подобрувањето на билатералната соработка и партнерството во рамките на НАТО.
Форумот е поддржан од Министерството за надворешни работи, Европската Унија и е во соработка со Секретаријатот за меѓународна соработка на Кралството Шпанија.