На денешната седница на Судскиот совет, еден од членовите побара збор за да појасни како што рече дека „холандскиот проект не е прекинат со финансирање“, по што претседателот Сашко Ѓеоргиев предложи оваа тема да ја остават за крај на седницата. Се обративме во Амбасадата на Кралството Холандија со барање за појаснување на статусот на проектот што амбасадорот Дирк Јан Коп во неодманешното интервју рече дека е ставен во мирување. Станува збор за проект во вредност од близу милион евра.
-Амбасадорот во интервјуто изјави дека Судскиот совет го изгубил легитимитетот. Тој став го поддржа и претседателот Пендаровски следниот ден. Како резултат на тоа, Холандија не го откажа, туку го суспендираше до понатамошно известување (во интервјуто беше речено: „стави во мирување“) својот проект со Судскиот совет, спроведен од Центарот за меѓународна правна соработка (CILC) во Хаг“, одговорија од Амбасадата.
Во изјавата на паузата од седницата, претседателот на Судскиот совет Сашко Ѓеоргиев, потврди дека проектот е во мирување, но очекува „да бидат препознаени позитивните оценки од холандските колеги на работењето на овој проект“.
-Јас сум еден од членовите кој работи во тој проект кој се однесува на транспарентност и отчетност на Судскиот совет, каде наши колеги од Холандија не’ обучуваат во тој дел. Имавме добра соработка и се надевам дека ќе продолжи. Иако проектот е во мирување, очекувам дека за кратко време ќе се препознаат позитивните оценки од работата на проектот со обука од колегите од Холандија, рече Ѓеоргиев.
Претседателот рече дека се во право критичарите на состојбите во правосудството, вклучувајќи ги и оценките на холандскиот амбасадор. Не се согласи дека неговиот избор е нелегитимен, бидејќи бил избран на јавна седница, додека за незавршувањето на предметите од СЈО се согласи со оправданоста на критиките.
Од страна на изнесените критики – во добар дел се согласувам дека има простор за критика. Ќе ги споменам предметите од СЈО добар дел немаат завршница. Тоа се стари проблеми што некое време се провлекуваат. Имаме општа перцепција дека нема завршница. Тука сме да работиме и како Судски совет да бараме одговорност од судиите, с согласно критики на амбасадорот во еден дел се согласувам дека владеењето на прав мора да профункционира, правосудството генерално, рече Георгиев.
Судскиот совет во подолго соопштение одговори на последните јавни критики со оценка дека непријатни се таквите укажувања и изјави, но уверува дека работи согласно законот и тој не е прекршен.
В.К.