Поранешниот претседател на Алијансата за Албанците, Зиадин Села, денеска пред вратата на велешкиот затвор го дочека Абдилфета Алими, поранешниот обезбедувач во Собранието на РСМ, кој пред 6 години му го спаси животот во настаните од 27 април.
Алими беше осуден на 7 години затвор, поради тоа што му го дал клучот на пратеникот од ВМРО ДПМНЕ Крсто Мукоски, кој потоа ги отвори собраниските врати и толпата влезе.
„Слободата е скапа“, рече на излегување од затвор Алими.
-Во добра здравствена состојба сум, им благодарам на моето семејство, на моите соселани, на сите Албанци за поддршката, особено на мојот пријател Зијадин Села кој во ниеден момент не ми го сврте грбот. Ви благодарам вам и на медиумите што ме поддржувате. Слободата е скапа, тука поминав многу време. Годините овде не беа лесни, но со божја помош ги поминав, рече Алими.
Алими беше дочекан од група на роднини и пријатели, меѓу кои и неговиот син, кој зборуваше пред медиумите кои го следеа неговото излегување на слобода.
Села го нарече Абдилфета брат кому му го должи животот.
-Реков дека од 27 април ми стана пријател, брат, член на семејството. Денес помагам како член на семејството, се чувствувам слободен како што се чувствува Фета. Денешниот ден го нарекувам еден од нормалните денови, како што одамна немам видено. Се чувствувам горд на непобедливоста и машкоста на Фета, овој човек никогаш не се понижи“, рече Села.
При донесувањето на пресудата за Абдилфета Алими судот оцени дека заслужува повисока казна, но поради тоа што го спасил животот на Села (во тоа време беше пратеник), му беше намалена казната на 7 години затвор. Алими излезе од затвор по поминати 6 години и два месеци.