Зголемено присуство на пестициди во анализирани домати потврдува документ што изминатите два дена се споделува на социјалните мрежи. Анализата на присуството на штетни материи во доматите е направена од МЗШВ, од државната фитосанитарна лабораторија, со документ и печат на институцијата заведени со деловоден број. Поранешниот времен министер за земјоделство Цветан Трипуновски, тврди дека се работи за увезени домати од Албанија, кои се нудат на пазарите низ македонските градови. Од надлежната Агенција за храна и ветеринарство потврдуваат дека анализата е точна, но како што нагласуваат, не се знае потеклото на доматот.
-Ова се документи од МЗШВ, од државната фитосанитарна лабораторија, со документ и печат на институцијата заведени со број 10802-409/2 и 10802-372/2, од кои јасно се гледа дека Државната фитосанитарна лабораторија направила анализа на увезена краставица и домат за утврдување на присуство на пестициди. Наодот од анализата утврдува присуство на пестициди над дозволената граница. Граѓаните освен што јадат скапа храна, јадат и небезбедна храна, рече Трипуновски.
Тој побара Јавното обвинителство веднаш да реагира.
Немаме време за комисии, работни тела и инспекции, потребни се итни мерки, брзи истраги и одговорност, кажа Трипуновски, кој оцени дека е потребна целосна ревизија и заострување на мерките при увоз на храна.
Агенцијата за храна и ветеринарство соопшти дека во однос на резултатот од лабораториско тестирање спроведено на Факултетот за ветеринарна медицина на, како што се вели во објава на социјалните мрежи, мостра од домат по потекло од Република Албанија, кај која е утврдено зголемено присуство на пестициди, за АХВ се работи за мостри на домати кои не се официјално земени од надлежните инспекциски органи, туку од физичко лице и доставени во Факултетот.
-За нив нема никаков доказ за потеклото на доматите и од каде се земени мострите и затоа резултатот од страна на АХВ се смета за сомнеж, оценува Агенцијата.
Дали навистина се работи за пуштање во промет на безбедна храна на пазарите или има засилена контрола од страна на инспекторите, како што тврди АХВ, сомнежите се присутни во јавноста. Веќе со денови низ социјалните мрежи се шири информација поткрепена со споменатите документи од анализата, во која се вели дека наводно корумпирани инспектори и цариници пуштиле камиони со албански домати, кои претходно поради зголеменото присуство на пестициди биле вратени од границите во регионот.