Потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ, Александар Николоски во телевизиско гостување објави уште еден дел од договорот на владата со компанијата „Бехтел и Енка“, за кој тврди дека изведувачот има право да ангажира специјалист или специјалисти со месечната плата од 36.500 евра.
Според Николовски, бројот на специјалистите ќе биде договорен помеѓу изведувачот и владата, кој што ќе имаат четири насоки на работа, создавање на спецификации за автопатите, создавање на студии за влијание врз животната средина, понатаму студии за влијание врз заштитеното богатство од УНЕСКО во Охридскиот регион, како и разгледување на спецификациите на автопатите.
-Значи ова се најмалку четири спецификации што значи дека еден координатор и четири вакви, најмалку пет вакви лица би имало ангажирано, иако бројот е недефиниран, што значи дека може да се и 15 и 20 и 50 лица. Месечната плата ќе биде ни помалку, ни повеќе 36.500 евра. Значи овој специјалист ќе зема 36.500 евра, ексклузивно објави нови делови од договорот за изградба на коридорите потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
Во врска со ова беше запрашан и лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој рече:
– Ќе ви кажам преку еден пример. Еве јас сум универзитетски професор со повеќе од 20 години стаж што во приватниот сектор, што во Универзитетот и мојата месечна плата со која што сум задоволен е 55 илјади денари или околу 900 евра. Е сега тој специјалист кој ќе зима 36.500 евра отприлика значи дека тој околу 40 пати е поквалитетен од мене. А јас, ако ништо друго, себе си се сметам за просечно квалитетен професор. Е сега овој 40 пати треба да е поквалитетен од просекот. Или дел од тие пари ке завршуваат во некои приватни џебови, и помножете го тоа пет пати, оти толку специјалисти им требаат. Затоа кога станува збор за епски проект, треба да знаеме дека станува збор за епски криминал. Убеден сум дека оваа Влада нема капацитет да го заврши овој проект и дел од авансите кои сега на трчање пред избори се префрлаат се обид да завршат во приватни џебови, а потоа од таму да се влијае со поткуп врз гласачите на изборите. Но, народот ќе излезе и така силно ќе ги порази, заедно со ВМРО ДПМНЕ и после ќе треба да поднесат сметка за сиот криминал што го прават, рече Мицкоски.