Мемет Камбер, продавач на „Лице в лице“, на неполни 20 години, почина на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ). Тоа беше негово прво влегување во болница, и последно. .
Сериозноста на здравствената состојба не ги покажа своите заби само меѓу болничките ѕидови, туку ги покажувала долго време пред тоа. Но, Мемет немал можност да прави здравствени прегледи. Причината, исто така, е сериозна. Немал здравствена книшка која ќе значи редовни прегледи. Задоцнетата документација за идентитет, личната карта, ги ставила на „почек“ сите потреби, услуги, замисли за поинаков живот на еден млад човек.
Со работни навики се стекна, но не и со лична карта
И Мемет сонуваше вдишувањето и издишувањето да му бидат со полни гради, без страв дека бавниот процес на стекнување потврда за идентификација и видливост ќе му се одрази негативно во сите пори од живеењето.
Неговиот пркос беше постојаната насмевка и одлука да работи за да си ги овозможи основните потреби како млад човек.
– Мемет беше продавач на „Лице в лице“, но преку верификуваната програма за социјално менторство го подготвувавме за пазарот на труд. Постојано покажуваше забележителна проактивност и желба да се стекне со работни навики и работни вештини, но, најголема желба, сепак, му беше да извади лична карта. Со работни навики се стекна, но, за жал, не дочека да се стекне и со лична карта, вели неговата социјална менторка за работна интеграција, Магдалена Чадиноска Кузманоски.
Од оваа перспектива, додава таа, после овој трагичен исход, се наметнува прашањето, колку е оправдано, и сурово, на еден млад човек најголемата желба да му е да извади лична карта.
– Бевме на добар пат да го насочиме правилно и да живее еден достоинствен и квалитетен живот. Жал ми е што не го видов во неговото најдобро светло, со лична карта и регуларно вработување, она за кое тој толку мечтаеше, додава Чадиноска Кузманоски.
Неговиот ментор од Дневниот центар за деца на улица, Филип Пепоски пак објаснува дека компликациите при вадење лична карта се случиле поради недостапноста на единствениот негов родител.
– Неопходно беше таа да биде присутна при вадењето на неговата прва лична карта. Потоа ни побараа и имотен лист за да се утврди точната адреса на живеење, но, куќата во која што живееше е дива градба, објаснува Пепоски.
Дали здравствената услуга станува само нечија привилегија, а не и право?
Дали здравствената услуга сѐ почесто (о)станува само нечија привилегија, а не и право, кое треба да биде загарантирано? Што се случува кога луѓето кои од различни причини немаат документи, или се во процес на нивно добивање, а имаат потреба од здравствена услуга? Дали таа треба да биде помалку достоинствена, или, уште пострашно, непостоечка?
Дали овие луѓе треба системски посоодветно да бидат информирани за нивното здравствено право?
За жал, одговорите за Мемет, би пристигнале доцна. Во негова ситуација се уште многу млади луѓе во земјава, посебно во Општината Шуто Оризари.
– Неопходни се поинакви пристапи за решавање на предизвиците на лицата без документи. Секојдневно во Центарот сведочиме колку нивниот живот добива негативна димензија заради невидливоста што ја имаат. Од различни причини се заглавени во лавиринти, чија безизлезност им ги ускратува остварувањата на најосновните човекови права. Под итно треба да се изнајдат флексибилни спроведливи решенија кои ќе ги стават во целосна функционална рамка и ќе им овозможат користење на различни типови услуги, вели Ирена Велкоска, координаторка на Дневниот центар за деца од улица во Шуто Оризари.
Хипергликемија над црвената линија
Мемет Камбер на КАРИЛ стигнал во тешка здравствена ситуација. Екстремно алармантна. Сѐ укажувало на тоа дека се пропуштени години грижа и третман за да може потоа и една ваква, тешка здравствена ситуација, да има повеќе шанси и надеж за извлекување.
Дошол со хипергликемија над црвената линија, или, под линијата за живот.
– За жал Мемет најверојатно имал дијабет тип 1, кој што се појавува уште во детската возраст. Живеел со хипергликемија долго време, и кога достасала до енормни вредности, донесен е кај нас. Таа гликемија прави растројство на сите системи. Нашето тело работи на PH, нормално е 7,4, тој имаше вредност на киселост 6,8. Организмот не работи во кисела средина. Многу деца и сме ги спасиле во ваква ситуација, но, кај него оштетувањата беа преголеми. Кога ќе се јави кетоацитоза, пациентите се повеќе подложни и на инфекции, затоа што самиот висок шеќер во крвта е добар агар за каква било бактерија. Тоа дополнително ги влошува компликациите по системи – вели Маја Мојсова, анестезиолог на КАРИЛ.
И респираторите, вели, не биле од помош во случајов.
– Да се лекувал на време, и ако претходно била регулирана таа гликемија, можеби ќе имавме и шанси. Веројатно никогаш не ни бил испитуван. Беше донесен во хипергликемија, со страшни високи вредности на гликоза. Не можеме ни да знаеме дали имал и други болести. Ние се боревме за живот. Некои работи ќе ги знаеме и дополнително, откако ќе добиеме и други резултати од испитувањата – појаснува Мојсова.
Вели дека оваа ситуација кај децата, кои уште од мали имаат недостаток на инсулин, се открива навреме и може да се третира.
– Кога ќе дојдат пациенти во ваква ситуација кај нас, многу ни е полесен патот кај претходно третирани, а не да земе болеста замав до овој степен – додава анестезиологот.
На КАРИЛ доаѓаат многу пациенти без документација, но, таму најважно е да се спаси човечкиот живот. Останатите процедури потоа се одговорност на системот.
– Ние ги примаме сите пациенти. Нас нѐ не интересира дали има осигурување или не, дали е странски државјанин, ниту негова возраст или националност. Во моментот за нас е пациент во животозагрозувачка ситуација. Се бориме за сечиј живот. Имавме пациент кој нема никаква идентификација во земјава, не постоеше едноставно, а фејсбук имаше. Но, тоа понатаму си го регулираат други ентитети. Тоа е грижа на Фондот. Мемет беше граѓанин на оваа држава – потенцира Мојсова.
Но, сепак, ако Мемет Садик излезеше од болница, опоравен и со нова шанса за живот, ќе беше и пред нов предизвик – како да го плати болничкиот престој како „странец во сопствената земја“.
Затоа што Мемет имаше Извод од матичната книга на родените, ама не успеа да добие лична картаи според Фондот, во тој случај, „овие лица не можат да се стекнат со статус на осигурено лице“.