Среде полињата со жито, веднаш до магистралниот пат Велес Штип на стотина метри од селото Сарамзалино за две години никна биогасна електрана вредна 12 милиони евра со моќност од 2 MW (мегавати). Биогасната електрана е последна генерација со најмодерна инсталирана технологија и годишно ќе произведува 16.640 MWh електрична енергија доволна да ги задоволи потребите на 15 илјади луѓе. Електраната истовремено ќе произведува топлинската енергија за загревање на плантажи на 6 хектари земјоделско земјиште, а како краен производ ќе се добиваат и 40.000 тони природно земјоделско ѓубриво.
Кога од ѓубрето се произведува електрична енергија животната средина станува чиста, нивите стануваат поплодни, околното население станува еколошки одговорно и свесно за бенефитот од функционалната употреба на отпадот за рециклирање и продукција на нови производи.
Комињата, сурутката, отпадот од животинско и од растително потекло се собираат и третират со бактерии, се добива метан кој ги придвижува машините да продуцираат електрична енергија и топлинска енергија.
Биогасната електрана е дел од Холдингот Фероинвест/Централинвест, кој со своето портфолио од мали хидроелектрани и фотоволтаични електрани е лидер во изградбата на капацитети за обновливи извори на енергија во Македонија
Според сопственикот Кочо Анѓушев, биогасната електрана е најстабилен производител на чиста и еколошка електрична енергија, бидејќи нејзиното производство не зависи од ветер, сонце или вода туку целосно може да се контролира.
,,На Македонија и е потребна диверзификација на инвестициите во обновливи извори. Ние тоа го правиме и со овој пример уште еднаш упатувам апел – паметно и со план да се инвестира во ваква енергија, а државата стратегиски да ја води енергетската транзиција и да не се прави концентрација само на еден извор”- рече Анѓушев.
Коинвеститори со Анѓушев во електраната се најголемата фарма за одгледување свињи во Македонија, АГРИА, на Перо Колевски и фирмата за амбалажа од Охрид, АСП-ПАК на Петар и Спасе Спасески.
Колевски нагласи дека на овој начин трајно и системски се решава прашањето со екологијата и одложувањето на отпадот од фармите, а во иднина планираат како био-гориво да се користи и отпадот од кланиците.
Биогасната електрана, како што наведе Спасе Спасески, го решава проблемот и со увозот на вештачки земјоделски ѓубрива, бидејќи како нуспродукт дава домашно органско ѓубриво кое останува на крајот на технолошкиот процес по производството на електрична енергија.
Сопствениците на биогасната електрана кај Сарамзалино најавија инвестиција во нов биогасен енергетски проект кој наскоро треба да се гради во близина на Штип кај селото Таринци, до тамошните краварски и свињарски фарми, со цел продуктивно користење на комплементарноста на индустријата за производство на месо, земојделието и производството на зелена енергија како еден целовит и заокружен процес.
Покрај посетата на биогасната електрана во светиниколско, новинарите можеа да видат како работи и компанијата БРАКО во Велес, исто така во сопственост на Кочо Анѓушев, каде со најсовремени машини, стручноост и знаење од македонски инженери и роботизирано производство во четири фабрики се произведуваат електрични, хидрогенски и дизел возила за чистење, тешки метални конструкции, жичани производи и медицинска опрема, и 95% од производеното се продава надвор од Македонија.
Брако е се она што Македонија посакуваме да биде. Бројка на вработени инженери колку што нема во сите индустриски зони, кои работат речиси исклучиво на готови проекти, осмислени, дизајнирани и создадени во странство. Брако е и идеја, креација и дизајн и производство.. Брако е целосно заокружен имплементиран процес од железо, од суровина до финален производ. Брако е бренд.
„Како да се вратат младите и да се задржат во Македонија? Како успева Брако да врати и вработи студенти од Хјустон, Виена од цела Европа? Добрите плати се секако предуслов, но првенствено најважен е предизвикот да креираш, да создадеш нов производ и додадена вредност. Да се чувствуваш свој на своето, во својата татковина и истовремено да се натпреваруваш и развиваш како своите колеги во најразвиените земји во светот“ – рече сопственикот Анѓушев.
Брако е компанија која извезува во 60 земји насекаде во светот, а најголек интерес за возилата за чистење има во Велика Британија и Турција. Фокусот на развојот е во изградба на нови целосно автоматизирани погони и повеќекратно зголемување на капацитетот од 200 возила годишно. Брако е во завршна фаза на аплицирање и сертифицирање за тендерските постапки и процеси за набавка за потребите на Нато алијансата.