Пожарот под мостот Беласица ги остави Скопјани без една од главните градски артерии. Градот се гуши од сообраќаен метеж, а граѓаните очекуваат одговор на прашањата-Колку долго ќе трае целиот процес на дијагностика, реконструкција и најпосле пуштање на мостот и за возила и за пешаци.
И стручни и нестручни лица деновиве ги даваат своите коментари, за да на крај се констатира дека се додека не се направи комплетна дијагностика, со рокови не може да се калкулира.
За дваесет дена би требало да заврши целокупната дијагностика на направената штета, смета професорот Михаил Гаревски од Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени, експертот што го ангажираше градоначалничката Данела Арсовска, да ја направи потребната експертиза на опожарениот мост „Беласица“. Времето и роковите се второстепена категорија смета деканот на Градежниот факултет Горан Марковски. Мора да се направи квалитетна експертизата, без разлика колку тоа ќе направи нервоза меѓу граѓаните, зошто безбедноста треба да биде пред се.
Градоначалничката Данела Арсовска на прес-конференцијата која што се одржа на опожарениот мост кажа дека првичните информации говорат дека благодарение на брзата реакција на пожарникарите, оштетувањата на објектот се минимални и не довеле до нарушување на структурниот интегритет на мостот.
Претходно Арсовска сите коментари во врска со мостот, за неговото оштетување и времетраењето на санирањето рече дека се дадени од самонаречени експерти кои давале паушални изјави во медиумите .Од Град Скопје тогаш испратија соопштение до медиумите, откако професори и деканот на Градежен факултет Горан Марковски кажаа дека опожарениот мост можеби ќе биде затворен најмалку една година.
Врвни стручни лица го вештачат мостот Беласица, а градот Скопје погреши со изјавата дека не треба да се даваат паушални изјави, кажа тогаш првиот човек на ЦУК Стојанче Ангелов.
„ Јас и самиот кажав дека градот Скопје со нивната изјава, како беше , во насока дека не треба да се даваат паушални изјави малку погрешија бидејќи изјавите доаѓаа од деканот на градежниот факултет. Неговите изјави за мене се се само не паушални“, вели Стојанче Ангелов, директор на ЦУК.
Експертизата ќе ја прави Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени
Професорот Михаил Гаревски во саботата на мостот „Беласица“рече дека на барање од Градот Скопје, Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени ќе направи експертиза и проверка на сигурноста и оштетувањата, која не би смеело да биде повеќе од 20 дена, но таа ќе покаже дали треба санација.
Според Гаревски, доколку проверката покаже дека има само неконструктивни оштетувања, санирањето најоптимистички може да биде завршено до 10 – 15 јули, а ако деталните анализи покажат потреба од посериозна санација, не е возможно да се заврши за помалку од шест месеци
„Експертизата се состои од визуелна инспекција, недеструктивни тестови, односно земање примероци за проверка на носивоста на бетонот и на оштетената арматура, а исто така ќе направиме на одредени места земање кернови, коишто поточно ќе ни ја покажат состојбата на бетонот. Добро е што како репер ќе ни служи другата страна на мостот којашто воопшто не е оштетена. Јас направив само првична визуелна инспекција. Видни се оштетувања од аспект на отпаѓање на бетон којшто е како резултат на висока температура, но исто така и на гасењето со вода. Големата температурна разлика на водата и огнот доведува до такви отпаѓања на бетонот, но на главната носива конструкција не може да се види дека арматурата е откриена, што не е случај со горната плоча, каде има отпаѓање на бетонот и арматурата може да се види, но тоа не е носив елемент на конструкцијата“, кажа Гаревски на заедничка прес-конференција со градоначалничката Данела Арсовска, на мостот „Беласица“.
Тој појаснува дека по првичната визуелна проценка, ако овој систем беше обичен армирано-бетонски композит можеше да се каже дека мостот ќе може одма да се пушти во употреба, но ова е покомплициран систем, БОГ систем, и особено е тешко, но добро е што во Градот постои проектот, којшто е направен од реномирана фирма од Белград, а изведбата ја правеше „Бетон“.
Во целава ова ситуација времето е второстепено, без разлика колку тоа ќе направи нервоза кај граѓаните, вели деканот на Градежниот факултет Горан Марковски.
„Овде е потребно да се направи квалитетна анализа. Градежништвото не трпи импровизации и неоснован оптимизам, мора да сме детално прецизни и точни. Градежништвото се заснова на применета математика и ние егзактно можеме да дојдеме до состојбата во којашто се наоѓа мостот. Без тоа се друго претставува ризик, “ кажа Марковски во гостувањето на ТВ Сител.
Во врска со тоа што е оштетено, образложува дека мостот е концепиран од три материјали коишто ја сочинуваат неговата конструкција-бетон, арматура и каблите за претходно напрегање. Сите овие три материјали различно се чувствителни на високи температури но и од времетраењето на пожарот. Како што беше кажано пожарот траел четири часа.
„Четири часа е долг период и ако бил до 1000 степени, постои сериозона опасност дека тие 1000 степени продреле подлабоко во бетонската маса и можеби се оштетени и внатрешните кабли за претходно напрегање кои овде играат значителна улога во носивиот капацитет на мостот. Оттаму моето стравување и мојата претпазливост, со надеж дека не е дојдено до тоа. Само и ако 200 степени стигнале до каблите, нивните карактеристики почнуваат драстично да опаѓаат . За да бидеме сигурни треба да се направи детална дијагностика-прво форензика па потоа точна дијагноза, да се направи детална реанализа на мостот, па дури потоа-Што понатаму. Санација секако ќе има, но нивото на таа санација ќе зависи од точната дијагностика,“ образложува Марковски.
Тој додава дека со поглед дијагностика не се прави.
„Почнува со визуелна инспекција, но претстојат уште многу фази, испитувања, лабараториски испитувања, за кои за жал во Македонија ги нема, што значи дека ќе мора да се побара помош, соработка со специјални институции во странство, за да може да се дојде до точни резултати,“ смета деканот на Градежниот факултет.
Политичките партии го исполитизираа и опожарениот мост
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски ја повика власта во најкус рок да го стави во функција мостот „Беласица“. Тој ја обвини власта дека дава 200 милиони евра за, како што рече, незакована шајка, а Скопје ќе го остави цела година без мост во центарот.
„Дали на СДС и миленичката Данела, им треба цела година за крими бизнис договор за ќарот од мостот? Недозволиво е коалицијата СДС и Данела Арсовска по сите редовни средби да го остават Скопје без уште еден мост!“ рече Стоилковски.
ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска се единствените виновници за хаосот што му се случува на Скопје, реагира СДСМ на обвинувањата изнесени од портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Од СДСМ велат дека ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска немаат капацитет ниту да менаџираат еден мост, а не пак цел град кој заедно го втурнаа во финансиска пропаст.
„Штитејќи ја Арсовска, ВМРО-ДПМНЕ која го има мнозинството во Советот на Град Скопје и во управните одбори на јавните претпријатија не дозволи да се расправа за актуелната финансиска состојба на градот. Град Скопје денес е со блокирана сметка и е пред банкрот само поради неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ и нивната градоначалничка Арсовска.
Градоначалничката Арсовска на прес-конференцијата во саботата апелираше да не користат партиските агенди за шири страв и паника меѓу граѓаните.
„Апелирам до сите институции да бидат на висина на задачата и прво да се спроведат сите можни испитувања на мостот Беласица како што тоа го прави Градот Скопје со цел да дојдеме до вистински заклучок кога најбрзо мостот може повторно да биде пуштен во употреба. Паушалните тврдења како досега кои произлегоа од политичките агенди на групи и поединци, што само шират страв и паника помеѓу граѓаните, не помагаат никому. Жалам што можам да констатирам дека секоја непогода со која се соочува градот резултира со медиумски линч на градската администрација иако на граѓаните им е јасно дека се работи само за очајни обиди за собирање на политички поени“, рече Арсовска.
(В.Кр)
Фото: Вангел Тануровски