Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) пресуди во корист на жена од Бугарија, која од 15-годишна возраст била жртва на семејно насилство, кое продолжило со години. Бугарија треба да и плати на жртвата 10.000 евра отштета и 3.000 евра за трошоците во случајот, затоа што Обвинителството не реагирало и не покренало кривична постапка против сторителот.
Освен тоа, според едногласната одлука на ЕСЧП, во Бугарија не постои соодветна законска регулатива против семејното насилство.
Судот прецизираше дека се прекршени забраните за нечовечко или понижувачко постапување и дискриминација според Европската конвенција за човекови права.
ЕСЧП забележа дека жртвата А.Е. имала 15 години за време на настаните. Била претепана, клоцана и давена од 23-годишниот маж со кој живеела. Судот посочува и дека државата не го заштитила 15-годишното девојче, иако таа со години била жртва на семејно насилство.
„Иако не може да се каже дека бугарското законодавство воопшто не успеало да се справи со проблемот со семејното насилство, начинот на кој овие одредби се формулирани и толкувани од релевантните органи ги лишува некои жени, жртви на семејно насилство, од можноста за кривично гонење (на сторителот) и од ефективна заштита“, се вели во одлуката на ЕСЧП.
Институцијата појаснува дека немањето официјална статистика на властите повеќе не може да се објасни како обичен превид од нивна страна, со оглед на нивото на проблемот во Бугарија.