Обвинителството работи на предметот што била проследена по разгледување на претставката од страна на членовите на Судскиот совет, потврди денеска новиот претседател на највисокото судско тело, Сашко Ѓеоргиев. Ова е објаснувањето за случајот што го обелодени ТВ Телма, според кој, Судскиот совет разгледувал претставка во која се тврди дека поранешен судија на Врховниот суд од Штип и еден член на Судски совет земале пари за решавање на кривични и граѓански предмети. Членот на Судскиот совет пак, одлучувал кој ќе биде иден студент на Академијата за судии и јавни обвинители.
Според наводите на претставката што ја објави Телма, анонимен подносител укажува дека против судијата на Врховниот суд, „сите судии од Апелационото подрачје Штип имаат поплаки за неговото работење, дека врши притисоци и наплаќа за граѓански и кривични предмети“.
За членот на Судскиот совет во претставката се тврди дека е „главен кадровик за идните кандидати за судии во Академијата за судии и јавни обвинители преку член на Комисијата за прием како нејзина продолжена рака“.
Во Врховниот суд во моментов нема судија од Штип. Има двајца поранешни судии последните години, од кои едниот е пензиониран, вториот беше разрешен. Од штипското Апелациско подрачје, член на Врховниот суд е Наќе Георгиев, судија од Струмица.
Прашан да го коментира случајот, актуелниот претседател на Судскиот совет, Сашко Ѓеоригев, исто така од Штип, кој официјално соопшти дека претставката не е за него, кажа дека доставувањето на претставката до Обвинителството е вообичаена праска на Советот.
-Вообичаена пракса на Судскиот совет е заклучокот на колегите, кога имаме наводи за коруптивни елементи, без разлика дали е анонимна претставката, пракса е се проследи до Обвинителството заради нивни постапки, евентуална истрага, испитување. Ова не е единствена претставка, вообичаено е кога има такви, да оди до Обвинителството. Кога ќе заврши истрагата, добиваме одговор дали нешто презеле и дали отвориле активен случај, изјави Ѓеоргиев.
Без да каже за кого е претставката, Ѓеоргиев рече дека според неговите информации, Обвинителството ги испитува наводите од претставката.