„Македонија во срце те носиме“ е насловот на проектот со патриотски песни на приватната компанија „Продукција Скендеровски“, за кој Општина Штип со мнозинство гласови издвои милион денари за поддршка. Тоа е 400.000 денари повеќе од најстарата манифестација Штипско културно лето што општината ја организира или една четвртина колку што е општинското учество во фестивалот на забавни мелодии „Макфест“.
Барањето на „Продукција Скендеровски“, Комисијата за култура, како помошно тело на Советот на Општината Штип, го одби, додека зелено светло даде таа за финансии. На крај, Советот одлучи да го поддржи овој проект.
Советникот од Левица, Ангеле Михајловски, инаку професор на Музичката академија во Штип на говорница се спротивстави на како што рече, „давањето граѓански пари на приватна компанија“, во ситуација кога максимално се штеди на хонорари и организација на општината манифестација Штипско културно лето.
-Во овие турбулентни времиња на народот не му дојдено до духовна храна со пеење патриотски песни. Народот зема брзи кеш кредити за да преживее, позајмува за да се лечи. Даваме пари за духовна храна додека народот се лечи во болница од времето на Кралска Југославија. На народот не му требаат жалопојки да пее. На народот му треба востание, револуција, рече од говорницата Михајловски.
Без натамошна расправа, Советот на општина Штип одвои милион денари за проектот на Продукцијата Скендеровски, што според објаснувањето што го дал претставникот пред членовите на комисијата за култура, чини 200.000 евра и се финансира со пари од приватни компании, откако бил одбиен од Министерството за култура.
Михајловски порача продукцијата да продолжи да бара пари, како што рече од „корпорациите и олигарсите кои така си ги перат гревовите кон македонските работници“.
В.К.