Кумановската полиција денеска ги демантираше гласините за обиди за киднапирање ученици. Оттаму велат дека не е регистрирана ниту една појава за ваков настан и дека се преземаат мерки за безбедност на малолетници.
– СВР Куманово најостро ги демантира гласините што се шират помеѓу граѓаните на Општина Куманово за наводни киднапирања, односно обиди за киднапирања на малолетници. Ве известуваме дека станува збор за дезинформации, кои имаат за цел да предизвикаат страв и паника кај граѓаните на Куманово. Во СВР Куманово изминатиов период не е регистрирана ниту една пријава за таков настан. Притоа напоменуваме дека полициските службеници секојдневно вршат физичко обезбедување пред училиштата, редовно се реализираат превентивни активности помеѓу основците и средношколците, со цел одржување на јавниот ред и мир, препознавање на социо-девијантните појави, спречување на болестите на зависност и превенирање на насилството, со посебен акцент на меѓуврсничкото насилство, соопшти СВР Куманово.
Полицијата апелираше до граѓаните да останат смирени и да не придонесуваат во ширење паника која може да наштети на сите, а особено на најмладите.