Државата за 7-8 години вложи милиони евра во студенти од Македонија, кои се образуваат во првите сто универзитети во светот. Од нив ниту еден не работи на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје. Овој податок во емисијата „Стадион“ го изнесе Атанас Кочов од Машинскиот факултет, кој е еден од кандидатите за нов ректор на УКИМ. Кочов смета дека интерно овој универзитет треба да се преиспита со односот кон странските универзитети, кон студентите и прифаќањето на нови кадри. Прашан за тоа каде се неговите деца Кочов низ примерот со неговата ќерка го претстави односот на УКИМ, каде конкурирала за работа и била одбиена.
-Ќерка ми студираше и магистрираше во Манчестер (Велика Британија), сега и ќе докторира, а живее и работи во Македонија. Неколку години работи во приватна фирма. Од УКИМ беше одбиена за работа со образложение дека не знае англиски јазик. Тоа стои и во билтенот, дека нема потврда за познавање на англиски јазик, а магистрираше и ќе докторира во Манчестер, дури и е асистент и предавач во Манчестер, рече Кочов.
Професорот смета дека УКИМ треба да си го преиспита односот кон младите образование кадри и отвореноста. Илустративен е податокот дека од бројните студенти кои со пари на државата студираа на стоте најдобри универзитети, ниту еден не е вработен во УКИМ.
-Македонија е единствената држава која инвестирала милиони во последипломски и докторски студии на млади. Од 2012 година е почнато ова и 7-8 години финансирале деца за последипломски и докторски студии на првите сто универзитети во странство. Од нив нема ниедно дете вработено на УКИМ. Што тоа говори?! Треба и ние да интерно да се преиспитаме. Тоа што државата го инвестира и да го собере назад да си го врати и да го имплементира не само на УКИМ туку и на другите државни универзитети и да го подобри квалитетот на образование. Тие деца имаат направено мрежа, тие деца имаат контакти, но за жал, најголем дел од тие деца се останати во странство, рече Кочов во „Стадион“.