Според Град Скопје, тоа што се натрупале долговите на Градот е резултат на долгогодишното немилосрдно трошење, додека СДСМ тврди дека е тоа поради неспособноста на локалната власт на ВМРО ДПМНЕ, која по само една и пол година успеа да го доведе Град Скопје пред банкрот. Скопје е пред банкрот, локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ да одговори каде се парите, побара СДСМ. На тврдењата за вината на претходните градоначалници се огласи и Коце Трајановски, кој го објаснува долгот кон Скопски саем, една од компаниите, која си ги бара шарите од Град Скопје.
– Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ се олицетворение на неспособност. По само една и пол година владеење успеаја Град Скопје да го доведат до банкрот, со блокирана сметка, иако кога ја презедоа власта од претходниот градоначалник наследија 13 милиони евра плус на буџетската сметка. Над 100 милиони евра потрошија за 16 месеци, а не реализираа ниту еден проект, ниту пак довршија некој од капиталните проекти што ги наследија. Каде завршија толку народни пари, одговор треба да дадат Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, рече координаторката на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева.
Советничката група на СДСМ и коалицијата најави дека ќе побара свикување на итна седница на Советот на Град Скопје со единствена точка на дневен ред расправа за актуелната финансиска состојба во Градот.
Коце Трајановски пак, демантира дека тој го задолжил Град Скопје.
-Врз основа на мои сознанија причината е поништување на одобрението за градба на фирмата “Скопски саем” во 2019 од страна на тогашниот градоначалник на општина Гази Баба. Пред 10-тина години Скопски Саем добива одобрение за градба при што плаќа комуналии околу 3 мил евра од кои на општина Гази Баба 40% и на градот Скопје 60 %. Во 2019 г. тогашниот градоначалник на Гази Баба го поништува одобрението за градба. Во 2020 Скопски Саем поднесува тужба за враќање на парите за комуналии. Врз основа на извршна судска пресуда 60% од парите се побаруваат од градот Скопје. Единствена причина за оваа ситуација е поништеното одобрение за градба, тврди Трајановски.
Град Скопје во соопштение објави дека загрозено е финансиското работење на Град Скопје поради неплатени обврски кон приватни субјекти.
-Во случајов се работи за долг кој го направил екс-градоначалникот Коце Трајановски, а потоа не успеал да го плати ниту екс-градоначалникот Петре Шилегов, реагираше Град Скопје.
Со активна судска пресуда „Скопски саем“ побарува 2,5 милиони евра за платени а невратени комунални надоместоци.