По шест години судење, поранешната министерка Елизабета Канческа Милевска со две нејзини соработнички доби ослободителна пресуда за случајот со местењето тендери за „Бетон – Штип“ за изградбата на Музејот на македонската борба за државност и самостојност од проектот Скопје 2014.
Судијата Осман Шабани во краткото образложение смета дека нема цврсти докази со кои се докажува вина за местењето на тендерот во корист на „Бетон – Штип“.
Според обвинението, Канческа Милевска пред објавување на тендерот за изведба на градежно занаетчиски работи на објектот наложила да се продолжи со работа на Музејот, каде што се изведувале градежни работи по претходно склучен договор за јавна набавка. За истото дело се обвинети и Јулијана Угриновска и Лидија Лазарова Цветковска, членови на Комисијата за јавни набавки.
Обвинителот Стевчо Донев најави жалба на неправосилната пресуда со образложение дека снимките презентирани на почетокот на судењето јасно ја докажуваат вината.
Адвокатот на екс министерката, Сашо Дукоски изјави дека победило владеењето на правото, додека се’ што било кажано е на база на индикации и чисти претпоставки.
– Жално е што овие обвинети беа подложени на 6 години судска постапка со мерки на безбедност, со одземени патни исправи а се докажа дека нема ниту еден единствен доказ за утврдување на обвинението. Ваквите пресуди укажуваат како треба да се анализираат доказите и еден кривично-правен предмет и да се постапува, изјави Дукоски.
Поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа Милевска е првообвинета во предметот „Тендери“ во врска со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност, како дел од проектот „Скопје 2014“.
В.К.