Поставен е камен-темелникот на автопатот Прилеп – Битола од Коридорот 10д, долг 39,3 километри. Со овој проект, како што беше истакнато, се прави голем исчекор во насока на што побрз, побезбеден и поекономичен транспорт на луѓе и стоки. Изградбата базира на врвна технологија и стандарди, која ќе поттикне нова динамика во економијата и ќе отвори нови можности за вработување.
-Почнува нова ера во која наместо само 5,8 автопат годишно колку што се граделе изминатите три децении, во следните четири години и седум месеци ќе се градат по 23 километри автопат годишно или вкупно 110 километри, истакна директорот на Јавно претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми.
Претходно, премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање порача дека Владата инвестира во капитални проекти од историска важност.
-Не само што ги поврзуваме градовите и регионите, туку ја поврзуваме и државата со околните земји и светот преку модерна инфраструктура која ќе привлече многу странски туристи и инвеститори. Првпат по 30 години преку модерна инфраструктура се поврзуваме со Исток и Запад, со нови пристаништа во Драч и во Бургаз и ги зајакануваме транспротните врски во регионот, рече Ковачевски.
На настанот по повод-поставувањето на камен-темелникот се обратија и првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, директорот на Јавно претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, в.д. амбасадорот на САД Ерик Мајер, амбасадорот на Турција Хасан Мехмет Секизќок, како и претседателот на „Бехтел и Енка“ за Европа, Африка и Блискиот Исток Џастин Сиберел.