Кога семејството ќе почне бројчено да расте, родителите постојано се соочуваат со неочекувани и непредвидени ситуации околу децата. Порталот „Брајт сајд“ ги објави осумте критични периоди во детството, напис што можеби ќе го направи и целото родителство – полесен пат за одење.
- Новороденче до три месеци
На оваа возраст, бебето комуницира со родителите со плачење. Тогаш родителот учи како малечкото плаче кога е гладно, уморно или кога се чувствува непријатно… Но, понекогаш тоа ќе плаче и без повод. Важно е секогаш да одговорите на тој плач. Земете го в раце, говорете му, пејте му, нишкајте го. Бебињата така се чувствуваат безбедно и сакано.
- Од четвртиот до шестиот месец
Бебето се смее и гуга како одговор на зборовите на родителите или за „да разговара“ со омилената играчка. Овој период децата стануваат свесни за луѓето и околината, почнуваат да распознаваат познати лица и предмети. Сега е време да ги запознаете и со други деца и со што повеќе луѓе.
- Од седмиот до дванаесеттиот месец
Тогаш малечкото ја претпочита присутноста на мајката и, најчесто, се плашат од други луѓе. Се приврзува за своите родители и плаче кога тие си заминуваат. За да се избегне тоа, родителот може преку игра на кусо исчезнување и повторно појавување, да му покаже на бебето дека и кога ќе си замине, секогаш ќе се врати, без обѕир колку тоа ќе трае.
- Првата и втората година
Децата треба да се социјализираат и стекнат искуства надвор од домот, на пр. – споделувањето. Нападите на бес се вообичаени. Важна е дисциплината на малечкото, што се постигнува без викање и тепање.
- Третата година
Сега детето веќе си игра со врсниците и ги споделува играчки со нив. Важно е да го охрабрите да го прави тоа. Нападите на бес, како што се очекува, се случуваат поретко. Детето може да развие страв од одредени нешта, на пример од темнината или од чудовишта под креветот. Во овој дел од животот, детето треба што повеќе работи да ги прави самото, без ваша помош. Кога, на пр., ќе Ви покаже цртеж или што било што самиот го осмислил, пофалете го, речете му дека сте горди на него.
- Од четири до пет години
Децата сега можат да се придржуваат кон правилата, но сè уште не разликуваат добро од зло. Сакаат да бидат посамостојни и веруваат дека можат да остварат сè што ќе замислат. И, многу се љубопитни… Кај четиригодишниците може да се јави променливото расположение и агресивност, па дури и закани за „бегство од дома“. Петгодишниците, од друга страна, обично имаат подобри манири, поодговорни се и се трудат другите да ги направат среќни. Тогаш е право време да ги научите како правилно да го искажат својот бес. А, доколку се однесуваат лошо, на пр., забранете им ги игрите на некое време. Треба да се охрабруваат да говорат отворено за своите чувства и пофалете го нивното добро однесување.
- Од шестата до дванаесеттата година
Другарчињата им стануваат извонредно важни, а се појавуваат и првите љубови. Се појавува и љубомората, како и желбата да се пронајде себеси во некоја група или клан, или за учество во натпреварувачки игри. Тогаш детето би требало да научи да ги слуша и почитува повозрасните. Родителот треба да се потруди да мине повеќе време со своето дете.
- Од тринаесеттата до осумнаесеттата година
Тинејџерите обично се споредуваат со други. Доста им е важно пријателите да ги прифатат. Затоа треба и да научат како да се носат со притисок и стрес. Родителот тука треба да го охрабри отворено да разговара за своите проблеми и грижи. Романтичните врски стануваат поважни отколку претходно… Како и стремежот за поголема независност.