Основното јавно обвинителство Штип соопшти е известено за случајот на ученик од штипската гимназија, кој преку Инстаграм упати заканувачка порака. Ученикот, според Обвинителството, задржан во полициска станица 24 часа.
-Станува збор за пријава против полнолетно лице – матурант за наводни закани преку објава на една социјална мрежа. Се преземаат повеќе дејствија за проверки со цел да се испита дали пораката која во основа не содржи изречни директни закани упатени кон некого би требало да се протолкува дека имала заканувачка намера. Како дел од дејствијата извршен е претрес во домот на лицето, се вршат разговори со пријавениот, неговото семејство и соучениците и се преземаат сите потребни дејствија за расчистување на настанот, информираа од Обвинителството.
Од полицијата засега не соопштуваат детали, додека се работи на случајот што вчера ги вознемири младите средношколци.
Според информациите од средношколците, матурантот Б.Д. (18), на Инстаграм споделил порака на англиски јазик. Веднаш била споделена по групите на учениците, а потоа стигнала до родителите и професорите. Веројатно оваа порака и не би имала толкаво внимание, доколку не беа настаните од Србија.
Пораката различно се толкува. Според некои од соучениците нема простор за реакција, бидејќи е порака на матурант кој има само една недела училиште. Други сметаат дека треба да се пријде со внимание. Вчера попладне дел од учениците не се појавија на училиште, додека вознемирени биле и родителите. Синоќа во сите класови се одржаа родителски средби со цел да се укаже на поголемо внимание кон децата.
Денеска сите деца од прва смена се на училиште.
В.К.