Јавната свест за безбедноста во сообраќајот е на повисоко ниво, но сепак потребно е многу повеќе – порача портпаролот на Републички совет за безбедност во сообраќајот на патиштата РСБСП, Дејан Андоновиќ. Според него, сообраќајот се шири многу побрзо, отколку културата и свеста за последиците од невнимателноста.
Во пресрет на дефилето насловено „Јас внимавам и безбедно возам“ кое ќе се одржува утре со почеток од 11 часот, Андоновиќ во изјава за МИА посочува дека намалениот број на жртви во сообраќајот алудира на тоа дека свеста е се поголема, но оценува дека тоа не е доволно.
-Свеста се подига, имаме намалување на бројот на жртви во сообраќајни несреќи, но тоа не е доволно се разбира секој загубен живот е голема загуба за семејството и неговите најблиски така да, на вашето прашање колкава е сообраќајната култура, таа се подига, јавната свест е поголема, но тоа не е доволно, појаснува портпаролот на РСБСП.
Додава дека интересот за учество се зголемува, што според него е добар показател, бидејќи ваквите настани ја нагласуваат потребата од почитување на сообраќајните знаци и правила.
-Се зголемува интересот, годинава најмалку 100 велосипеди и најмалку 30 мотори ќе учествуваат тоа е најмалку, тоа е појдовна точка, се разбира ќе ни се приклучат и останатите граѓани, бидејќи нема некакви закажувања, туку кој сака ете да искористам да испратам еден апел до граѓаните да дојдат, тие што се со велоиспеди кои сакаат да возат некоја од рутите, вели Андоновиќ.
На глобално ниво, сообраќајните несреќи се водечка причина за смрт кај младите луѓе и главна причина за смрт кај оние на возраст од 15 до 29 години.
Како што е наведено на официјалниот сајт на Светската здравствена организација, приближно 1,3 милиони луѓе годишно умираат на патиштата во светот, а меѓу 20 и 50 милиони се здобиваат со нефатални повреди.
Извештајот за глобалниот статус за безбедноста на патиштата е широка проценка на состојбата со безбедноста на патиштата во 178 земји, а резултатите покажуваат дека повредите во сообраќајот на патиштата остануваат важен јавно здравствен проблем, особено за земјите со низок и среден приход.
– Пешаците, велосипедистите и мотоциклистите сочинуваат речиси половина од загинатите на патиштата, што ја нагласува потребата на овие учесници во сообраќајот да им се посвети поголемо внимание во програмите за безбедност на патиштата. Резултатите сугерираат дека во многу земји законите за безбедност на патиштата треба да се направат посеопфатни додека спроведувањето треба да се зајакне, се наведува во препораката од СЗО.