Наредната недела почнуваат активностите за поставување на две фотонапонски централи на компанијата К-пауер, сопственост на Зоран Китанов, поранешен директор на ЈП „Државни патишта“, кој неодамна си даде оставка од Бордот на Телеком. Китанов напушти добро платена работа за да влезе во бизнисот со производство на струја, за што заедно со неговите двајца коинвеститори побарал и лиценца од Регулаторната комисија за енергетика.
Во краткиот разговор, Китанов прво беше изненаден од интересот, со аргументи дека голем број на инвеститори влегуваат во производство на струја од фотоволтаици, па од тука зошто сме заинтересирани токму за неговиот бизнис.
Како што рече, по гасификацијата на Струмица, што тој како директор на „Струмица гас“ го иницираше процесот, потоа со донесувањето на големата инвестиција на германската компанија ВДП со ветерници во вредност од 500 милиони евра. Сега прв пат прави нешто за себе.
-Почнуваме со изградбата идната недела. Кога ќе ја потпишете меницата за кредит, се ангажирате. Само за нотарски акти платив 4000 евра, рече Китанов.
Локацијата за фотоволтаиците е во селото Рибарци во општина Росоман, додека Струмица, каде живее Китанов, како што рече не одговора бидејќи е котлина, а фотовотаиците бараат најмалку 400 метри надморска висина.
На прашањето зошто си даде оставка од Одборот на директори на Телеком, Китанов беше краток:
„Сакам работа на терен, не во канцеларија“.