Со цел подигнување на свеста за поголема безбедност на велосипедистите и мотоциклистите во сообраќајот, на 13 мај 2023 година ќе се одржи дефиле на кое ќе учествуваат преку 100 велосипедисти и над 30 мотоциклисти.
Дефилето ќе започне во 11.00 часот со поаѓањето на велосипедистите од платото под мостот „Близнак“, на кејот на реката Вардар во населбата Аеродром, а мотоциклистите ќе стартуваат од фонтаната во Градскиот парк во 11.30 часот и двете групи ќе се сретнат на плоштадот „Македонија“.
Сите кои сакаат да дадат личен придонес за подигнување на свеста за безбедност на велосипедистите и мотоциклистите во сообраќајот, можат да се приклучат на ова свечено дефиле со велосипед или мотоцикл.
Дефилето кое ќе се одржи под мотото ,,ЈАС ВНИМАВАМ И БЕЗБЕДНО ВОЗАМ” е во организација на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, а партнери се компанијата ОКТА, Министерството за внатрешни работи, Факултетот за безбедност од Скопје и Црвениот крст. Поддршка за настанот даваат и здруженијата на велосипедисти и мотоциклисти „Мото клуб Безбедност“, „Прв до врв“ и „Здружението за друмски и планински велосипедизам“.
На учесниците кои први ќе пристигнат на почетните позиции, ќе им бидат доделени стартни пакети од страна на РСБСП. Како дополнителна поддршка на настанот, а во рамки на својата кампања за подигнување на свеста за безбедност во сообраќајот „ЈАС ВНИМАВАМ“, компанијата ОКТА ќе обезбеди велосипедски ѕвончиња, безбедносни велосипедски светла и заштитни кациги за учесниците во дефилето.